Уставниот суд вчера ги отфрли иницијативите за оценување на уставноста на одлуката на Собранието за пристапување кон уставните измени од 19 октомври. Двете иницијативи по кои расправаше Уставниот суд беа поднесени од страна на Светскиот македонски конгрес и од адвокатот Томе Тодоровски од Свети Николе. И овој пат, одлуката на Уставниот суд беше донесена со мајоризација, односно шест судии гласаа за отфрлање на иницијативите, додека тројца беа против, односно за прифаќање на поднесените иницијативи. Како образложение, судот оцени дека оваа одлука не е пропис и затоа одлучил да не навлегува во оценување на уставноста на оваа одлука.
Судиите Јован Јосифовски и Елена Гошева сметаа дека отворањето на Уставот е важно прашање, кое заслужува внимание и дека судот треба да ги земе предвид двете иницијативи. Судијката Гошева својот став го аргументираше со тоа дека судот расправал и за далеку понебитни прашања, и како пример од ваквата практика го наведе и случајот кога Уставниот суд влегол во материјална расправа во врска со случајот „Отпуштени работници од работа по промена на власт“. Според таквата практика, нејзиниот став беше дека и овие иницијативи заслужуваат многу поголемо внимание. Во рамките на процедурата, уставните судиите исто така не прифатија за ова прашање да има јавна расправа и подготвителна седница.