По завршувањето на самитот на ЕУ во Брисел, претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, одржаа заедничка прес-конференција на која зборуваа и за процесот на проширување, односно за недавањето датум за пристапни преговори за Македонија и Албанија.
На пресот, Туск порача дека во однос на ваквата одлука не се работи за неуспех, туку за грешка.
-Tешко е да се биде оптимист во оваа ситуација, но не треба да се гледа како на тотален неуспех – порача претседателот на Европскиот Совет.
Тој го истакна неговото уверување дека станува збор за кратка криза во Унијата, а не за крај на процесот на проширување.
-Многу земји го поддржуваат процесот и сакаат да го продолжат истиот – нагласи Туск и додаде дека ЕУ треба да се заложи да го исправи овој пропуст пред мај 2020.
Јункер пак кажа дека доколку ЕУ има намера да го сочува својот кредибилитет во глобалната политика, треба да ги исполни дадените ветувања.
-ЕУ е почитувана низ светот и за да остане почитувана треба да ги исполни своите ветувања – порача Јункер.
Тој подвлече дека многу е тешко да се зборува за крај на проширувањето, кога во безброј наврати ЕУ дала ветувања, нејзини претставници ги посетувале Македонија и Албанија и ги поттикнувале да работат на нивните евроинтеграции.