МНР за посетата на Бучковски во Софија
Министерството за надворешни работи попладнево потврди дека Специјалниот претставник за дијалогот со Бугарија, Владо Бучковски денеска е во посета на Софија, каде е планирано да оствари средба со претставниците на Република Бугарија на повеќе нивоа.
„Остануваме на позицијата дека треба да се искористат сите можности за изнаоѓање соодветно, взаемно решение за билатералните разлики по различни прашања со соседна Бугарија, како и за враќање на довербата во ефикасноста и успешноста на Договорот за пријателство од 2017 година“, велат од македонското МНР.
Оттука потсетуваат дека при крајот на годината, доставиле Акциски план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, за што во разговор меѓу министрите за надворешни работи Османи и Захариева било договорено да бидат разменети забелешки, мислења и соодветни предлози. Во оваа насока, велат од МНР, во претстојниот период ќе следи конструктивен придонес преку специјалниот претставник, а истото се очекува и од бугарска страна, како можен единствен начин до изнаоѓање решение.
Претходно, бугарскиот вицепремиер, Красмир Каракачанов рече дека специјалниот претставник Владо Бучковски има добра волја, но немаат оние кои го праќаат. Двајцата ќе остварат средба денеска во 18 часот.