Илустрација / Фото: Нова Македонија

Во изминатата недела, од вкупниот број починати, речиси 10 отсто починале во својот кревет. Седум проценти, пак, од починатите во последната недела биле на
возраст од 45 години или помлади

Сѐ повеќе млади лица заразени, заболени и починати од ковид-19

Што ја прави Македонија држава со највисока смртност од ковид-19 во Европа, зошто секојдневно има починати млади под 45 години? Ова се прашања што ја мачат јавноста, особено што овој нов бран ја симна границата на возраст во смртната статистика. Има ли подлабоки причини, освен ненавремено одење на лекар и хронични болести?
Земјава оваа сабота ја регистрира највисоката смртност од 2 мај годинава, па наваму. Во саботата беа пријавени 41 починато лице, а меѓу нив и три млади лица на 18, 23 и 31 година. Во неделата, пак, имаше пријавено 23 починати лица. Иако бројот на активни случаи во земјава бележи благ пад, стапката на смртност во земјава е загрижувачка.
Во оваа категорија, Македонија е прва во Европа во изминатите седум дена споредено на милион жители, додека на светско ниво сме четврти по вкупната стапка на смртност, по Перу, Босна и Херцеговина и Унгарија.
Се бележи и зголемен број на починати во домашни услови, но битката со ковидот сѐ повеќе ја губат и помлади лица.
Во изминатата недела, од вкупниот број починати, речиси 10 отсто починале во својот кревет. Седум проценти, пак, од починатите во последната недела биле на возраст од 45 години или помлади.
Трите млади лица од последниот црн ковид-билтен биле невакцинирани. Осумнаесетгодишната девојка е примена во болница во тешка состојба и со голема тахикардија, а немала хронични заболувања. Дваесет и тригодишниот пациент имал церебрална парализа и други хронични заболувања, додека 31-годишниот имал хронично невролошко заболување.

Потребна е сеопфатна анализа

Микробиологот Никола Пановски вели дека има повеќе фактори што се пресудни за високата смртност од ковид-19 во земјава.
– Постојано се спомнува само еден фактор, а тоа е дека граѓаните доцна доаѓаат во болница. Сепак, сметам дека треба да се направи сеопфатна анализа по ова прашање. Да се види што е најдобро, што дава резултати во лекувањето, зашто ние како мала земја не треба да експериментираме – посочува тој.
Сепак, микробиологот вели дека смртноста не треба да ја оправдуваме со други причини и целата вина да се префрла на граѓаните и на тоа зашто имаме нездрава нација.
– Факт е дека ако ги гледате кривите за смртност од ковид, секаде се намалуваат, а во Македонија растат. Ако во Италија и во Шпанија имаше поголема смртност, сега разликата е огромна. Значи дека таму нашле модул на лекување и исправени се грешките на лекување. На сето ова влијае и вакцинацијата – посочува тој.
Според него, и здрави пациенти примаат антибиотици како начин за лекување од ковид, нешто што е спротивно на лекување на вирус.
– Доказ за тоа е што нема протоколи за лекување – заклучува тој.

Многу болести може, но не се превенираат

Д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог, вели дека од 2018 година Европската комисија имаше прифатено еден извештај од шведска аналитичка кука што се занимава со европски здравствен потрошувачки индекс.
– Тој индекс имаше пет супкатегории, едната беше квалитет на здравството што го имате во државата. Македонија имаше скок во тој извештај во 2012 – 2013 година, кога го промени начинот на закажување на прегледите. Но Македонија не го промени местото на квалитетот што го дава нејзиното здравство. Со години бевме на последно место според резултатите по однос на тоа какво ни е здравството. Местото го делевме со Романија или со Албанија. Тоа беше мерливо според дијагнози, како срцеви удари, дијабет, мозочни удари, белодробни болести и канцер. Требаше да работиме да го унапредиме јавното здравје. Не успеавме да го подобриме резултатот што го добиваме како ефект од промените од здравствениот систем. Има голем број болести што може да се превенираат, а не се превенираат. Тоа го забораваме. Јавно здравје не е само да одите на лекар и да бидете излекувани – објаснува д-р Мехмедовиќ.


Пет држави одлучија да живеат со ковид-19

Повеќе од 18 месеци во пандемијата на коронавирусот, голем број земји одлучија дека е време да се отворат и да усвојат модел на „живеење со ковид“.
Некои имаат завидни стапки на вакцинација, други одлучија дека трошоците за продолжување на економските и социјалните ограничувања ги надминуваат придобивките. Данска, Сингапур, Тајланд, Јужна Африка и Чиле се петте држави што треба да внимаваат како се одвиваат нивните нови стратегии.