Ситуацијата е сериозна, станува уште посериозна од минатата недела и тоа ќе биде причина да се вратат некои благи рестриктивни мерки, вели д-р Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести
ЕВРОПА РЕГИСТРИРА ДО 50.000 НОВИ СЛУЧАИ НА КОВИД-19 СЕКОЈ ДЕН
„Катастрофа“, „ужас“, „уништување“, се само некои од зборовите што ги употребуваат европските лидери опишувајќи ги последиците од карантинот воведен поради пандемијата на ковид-19. За да се спречи ширењето на ковид-19, во текот на пролетните месеци јавниот живот низ цела Европа беше речиси целосно запрен. Во летните месеци, пак, многу места ги олабавија овие ограничувања, но стапката на инфекција не престанува да се зголемува речиси во секоја европска земја.
Според Светската здравствена организација (СЗО), Европа регистрира меѓу 40.000 и 50.000 нови случаи секој ден. Бројките што ги добиваме во текот на овој месец, треба да ни послужат како повик за будење на сите, како што рече регионалниот директор на СЗО Ханс Клуге, кој додава дека неделните бројки на нови инфекции ги надминуваат и оние пријавените во првите фази на врвот во март.
Како што објавува Си-ен-ен, откако успешно го помина првиот налет, Европа сега е во средина на вториот налет на коронавируси, со преминот во зимските месеци. Дневните бројки на случаи во Европската Унија и во Велика Британија оваа недела достигнаа рекордни високи нивоа – повеќе од 45.000 заразени според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, па се воведуваат нови ограничувања. Лидерите се исплашија од притисокот со кој може да се соочат болниците, како и од нови државни блокади. Во Европа стапката на смртност е стабилна веќе извесно време, иако во Бугарија, Малта, Хрватска, Шпанија и во Романија се зголемува стапката на смртност.
Дали ни претстојат нов карантин и други рестриктивни мерки? Што нѐ очекува? Д-р Александар Стојанов, долгогодишен епидемиолог и директор на Центарот за јавно здравје, за „Нова Македонија“ вели дека не е важно дали ќе има втор, трет бран, туку е важно дека ние имаме ситуација што трае со месеци.
– Започна во март, а сега е септември. Целиот овој период имаме криза, иако некогаш бројките на новозаразени се помали, некогаш се поголеми. Како сакате крстете го ова, крај на прв, почеток на втор бран, неважно е. Факт е дека ние имаме објективна ситуација според која сме далеку од куртулени од ковид-19. Ние не сме имале ден без ковид и не сме имале ден без смртен случај. Сега имаме луѓе со полесни симптоми, но смртноста е висока. Како да кажеме дека вирусот е ослабен? Тоа е илузорно – вели д-р Стојанов.
Она што е загрижувачки, според него, е тоа што целото ова време не ги почитувавме препорачаните мерки.
– Кога имавме рестрикции, сите прашуваа: „До кога вака?“, а кога ги олабавивме сите прашуваат зашто ги олабавивте. Целата приказна само од нас зависи, а ние очигледно е дека не сме зрели за оваа ситуација. Младите не можете да ги ставите во ниеден ред. Сега сакаат и студентските домови да ги пуштат, ќе имаме средба на која ќе ни кажат дека е важно студентите да живеат во домови, но гледате како бројките на новозаразени не паѓаат. Ситуацијата е сериозна, станува уште посериозна од минатата недела и сега и тоа ќе биде причина да се вратат некои благи рестриктивни мерки – вели Стојанов.
Премиерот на Велика Британија Борис Џонсон неодамна изјави дека државата неизбежно ќе се соочи со втор бран.
– Многу внимателно го следиме ширењето на пандемијата и како се развива во последните неколку дена. Не сакам да одам на втора национална блокада. Единствениот начин на кој може да се стави контрола е ако луѓето ги следат мерките – рече тој.
Велика Британија регистрира 4.422 случаи, што е најголем број од почетокот на мај. Министерот за здравство кажа дека луѓето мора да ги следат правилата и дека ако не ги следат ќе има многу построги мерки.
Научниците бараат двонеделен карантин за Британија
Врвни истражувачи на британската научна советодавна група препорачаа тамошната влада да воведе двонеделен карантин на државно ниво во октомври, за да се совпадне со зимскиот распуст.
– Училиштата ќе бидат затворени една недела на полугодие, а на тоа треба да се додаде и дополнителна една недела, за да има ситуацијата ограничено влијание врз образованието – рече еден од научниците за „Фајненшл тајмс“.
Европејците сакаат да избегнат втор карантин, нешто што моментално се спроведува во Израел.
– Или ќе ги почитуваме правилата или ќе мора да преземеме други мерки – рече министерот за здравство.