Неколку дена по пожарот во тетовската модуларна болница
Пет дена по трагичниот пожар во тетовската модуларна ковид-болница, истрагата околу причините за пожарот сè уште е во тек, а на македонските истражни органи следниве денови треба да им се приклучат и истражители од германската криминалистичка полиција, кои ќе соработуваат со МВР и ќе ја помагаат истрагата што ја води Јавното обвинителство. По трагичната несреќа во која животот го загубија 14 луѓе, оставки понудија министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот за здравство Илир Хасани, како и директорот и економскиот директор на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми.
Во меѓувреме од Обвинителството велат дека се води детална истрага за причините за пожарот, при што се чекаат резултати од вештачењата, а се повикуваат на распит лица што се нашле на местото на трагедијата, како и на вработени во болницата. Во рамките на истрагата се прави и анализа на видеоснимките од безбедносните камери на модуларната и околните објекти.
Од Обвинителството уште додаваат дека експертскиот тим од Федералната криминалистичка полиција на Германија, кој треба да помогне за утврдување на причините за пожарот во модуларниот ковид-центар во тетовската болница, треба да пристигне во земјава во следните неколку дена. Резултатите од истрагата за пожарот ги чека и Светската банка, која го финансираше поставувањето на модуларните ковид-болници низ земјава, вклучувајќи ја и тетовската. Викендов во Тетово беше одржан мирен марш што заврши пред остатоците од опожарената модуларна болница, каде што им беше оддадена почест на настраданите. Додека сè уште трае полемиката во јавноста околу безбедноста на модуларните болници, на терен продолжува изградбата на ваквите објекти.
Премиерот Зоран Заев преку соопштение викендов се огласи во врска со понудените оставки на министерот за здравство и неговиот заменик, наведувајќи дека одлуката за тоа дали ќе ги прифати оставките ќе ја донесе откако ќе ги види резултатите од истрагата. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера побара за понудените оставки на Филипче и на неговиот заменик да се произнесе Собранието, а не за нив да одлучува премиерот Заев.