Партиите во текот на вчерашниот ден ги продолжија изборните активности во рамките на кампањата за парламентарните избори закажани за 15 јули, со истата реторика на меѓусебни обвинувања за тоа кој повеќе ја уназадил земјата и со ветувања за подобра иднина.
Лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, вчера од паркот „Ибни Пајко“ во Скопје порача дека со членството во НАТО безбедноста на земјата е загарантирана.
– Тоа значи и нови инвестиции, нови работни места и повисоки плати за сите. Тоа е пристап на пазар од четири милијарди евра годишно, пазар за нашите домашни компании. Влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ. Членството во НАТО е влезница за ЕУ. Оваа година целосно заслужено почнуваме преговори со Унијата – рече Заев.
Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител во ИЕ3, го посети Пробиштип, од каде што најави изградба на нови патишта, враќање на парите на народот и раст на минималната плата.
Синоќа во скопски Мичурин СДСМ организираше трибина со учество на носителите на листа во ИЕ1 Никола Димитров и Мила Царовска, како и Томислав Кежаровски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ завчера се обрати во Струга и во Ресен, порачувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ најпрво економски ќе ја обнови државата, по што ќе следува обнова на Македонија во секој поглед.
Носителот на изборна единица 5 од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Дурловски, вчера од центарот на Битола најави многу проекти, кои, како што рече, ќе бидат силен импулс во културниот и туристичкиот развој на Битола.
– Овој проект ќе се надоврзе на веќе извршената обнова на фасадите на педесетина објекти на Широк сокак, кои беа реализирани во 2017 година и ќе овозможи и преостанатите сегменти на централното градско јадро да му парираат на Широк сокак со богатствата на своите објекти. Без културна интеракција со минатото нема иднина. Обновата доаѓа – порача Дурловски од Битола.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери вчера имаа средби со граѓани и обраќања во Демир Капија, во Неготино и во Кавадарци.
„Глас за Македонија“ своите активности во рамките на изборната кампања ги организира со учество на нивните кандидати на дебати и емисии, како и преку интернет.
– Во светот оние што се нови партии секогаш добиваат поголем медиумски простор за промовирање, кај нас тој простор со години е окупиран од двете најголеми партии. Државната изборна комисија замижува за прекршувањата што се прават, односно за предвремениот почеток на кампањата токму од страна на овие партии. Снимивме прекрасни спотови за телевизија, но во последен момент беа сменети правилата и моравме да ги повлечеме – вели Солза Грчева, носителка на листа во изборна единица 1 од Глас за Македонија.
Според неа, ова ќе бидат најнефер и најнедемократски избори.
Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернaтива во четвртокот навечер одржа промотивната конвенција за кандидати за пратеници во Тетово, од која беше порачано дека промената на власта ќе значи и промена на политичкиот менталитет и раководењето со земјата.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, најави дека ќе бара пропорционална застапеност во местата според структурата на населението.
Карванот на Македонски концепт во четвртокот ги посети општините од втората изборна единица, Ѓорче Петров, Гази Баба и Куманово.
– Потпишавме кодекс за фер демократски и европски, а ова што го гледаме е сè само не европски избори – се пожали носителот од Македонски концепт за ИЕ1 Петар Богојески.
Партијата Левица изборната кампања ја спроведува првенствено на социјалните мрежи и на медиумите, избегнувајќи масовни собирања и митинзи.
– Потребна е држава што ќе биде ослободена од бизнис-интересите за да донесе и за да спроведе мерки што се во корист на работниците и на обесправените – порачаа од Левица.