Лидерите на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и на Алтернатива, Африм Гаши, посочија дека нема договор на лидерската средба бидејќи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не можеле да ги усогласат ставовите за изборите.
Села по средбата кажа дека за нив е прифатливо изборите да бидат на 16 јуни, а повикува да се оди на избори со консензуален датум. Села вели дека не е вистина дека само ВМРО-ДПМНЕ се спротивставил на датумот за избори кон крајот на јуни.
Тој предложил, лидерите на политичките партии да се сретнат откако ќе биде укината вонредната состојба, но не одговори дали ќе ги блокираат изборите доколку роковите течат по укинување на вонредната состојба.
– Ставовите на двете македонски партии се барикадирани во врска со изборите, едната е за избори на крајот од јуни, другата е за крајот на август и почетокот на септември. Ние бевме усогласени денес да добиеме документи од три институции, од Комисијата за заразни болести, ДИК и ОБСЕ/ОДХР. Суштината на трите документи е што, документот од Комисијата за заразни болести вели дека ситуацијата со коронавирусот оди кон подобрување, но сепак опасноста на граѓаните е повторно висока, додека, констатацијата на ДИК е дека тие не можат да ги спроведат изборите во рок од 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, а одговорот од ОБСЕ/ОДИХР беше дека можат да учествуваат како набљудувачи на овие избори, но треба да се определи датум и да се имаат во предвид здравствените протоколи, како и за протоколите на границите. Со други зборови, додека границите се затворени, тие немаат одговор. Во овој период, ќе може да присуствува набљудувачката мисија. Исто така, ДИК ќе има можност да ги отвори списоците за граѓаните кои наполниле 18 години и тие да имаат право не само да изберат, туку и да бидат избрани. Но, за жал денес не можевме да се усогласиме. Повикувам сите да одиме со заеднички датум, со консензус за сите политички партии – рече Зијадин Села по лидерската средба.
Африм Гаши, пак, рече дека се надева дека во наредните денови ќе се одржи нова средба, за да се определи датум за избори со консензус.
– Ставовите на македонските партии, позиција и опозиција, беа далечни. Едните беа за избори во јуни, а другите за избори на почетокот на септември. Тие не ја надминаа оваа барикада, а ако ја надминаа, тоа ќе беше датумот кој ние го договоривме, односно крајот на јули. Се надевам дека во наредните денови ќе имаме средби, за да определиме датум за избори, со консензус, но исто така, треба да имаме во превид дека треба да има институции во државата, но здравјето на граѓаните да не биде во опасност на денот на изборите. Јас ќе ви кажам дека и самиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ќе даде изјава, но можам да ви кажам дека тие беа за избори кон крајот на август и почетокот на септември, затоа немаше доближување до ставовите на СДСМ – рече Африм Гаши.