Националната српска телевизија РТС, во својата емисија „Квадратура на кругот“, неделава објави видеоприлог во кој се тврди дека „Мијаците се старо српско племе, кое денес живее во западниот дел од Македонија“. Во прилогот се вели и дека „денешните наследници на Мијаците ги зачувале обичаите на српската династија Немањиќ“. За домашната експертска јавност ваквите јавно изнесени ставови на српскиот етнограф Станковиќ се пропагандистички, фактографски и историски неиздржани, со елементи на националшовинистички провокации
Додека државните институции се посветени на градење на добрососедските односи, а релациите меѓу Бугарија и Македонија како и оние помеѓу Грција и Македонија сега веќе процедурално се минираат од страна на двете соседни земји при примена на Преспанскиот договор и договорот за добрососедство, деновиве „темпирана бомба“ е фрлена од северниот сосед.
Имено, националната српска телевизија РТС, во својата емисија „Квадратура на кругот“, неделава објави видеоприлог во кој се тврди дека „Мијаците се старо српско племе, кое денес живее во западниот дел од Македонија“.
Во прилогот на српската национална телевизија, кој трагикомично ја разбуди јавноста, е и лиферуваната информација, во врска со дебарско-реканска етнографска целина, во која се наведува дека „денешните наследници на Мијаците ги зачувале обичаите на српската династија Немањиќ“.
Според тврдењата на етнографот Бранко Станковиќ дадени за РТС, Мијаците денес не постојат (!?). Според српскиот етнограф, денес во Македонија има нивни наследници, кои се идентификуваат со мијачките традиции и верувања, кои, пак, според него, се и со српска националност.
Ваквите јавно изнесени ставови на српскиот етнограф Станковиќ за домашната експертска јавност се пропагандистички, фактографски и историски неиздржани, со елементи на националшовинистички провокации.
Според домашните познавачи на проблематиката со кои се консултиравме, ваквите тврдења од српската страна, кои се пласираат периодов за Мијаците не се никаква новина. Експертите дополнуваат и низа други вакви примери, кои во одреден чувствителен момент за Македонија и македонскиот народ се лансираат во функција на негирање на македонскиот посебен етнички супстрат. Тие појаснуваат дека српската, бугарската, но и албанската пропаганда на оваа тема низ годините секогаш биле актуелни и ќе бидат. Тоа е така бидејќи територијата на Македонија и Македонците низ историјата биле окупирани и управувани од разни сили, кои потоа од свои интереси „креирале своја историја“.
Познавачот на историјата на Мијаците Мелетије Брковски, за „Нова Македонија“ вели дека Мијаците единствен спој со Србите би можеле да имаат преку печалбарскиот живот што го воделе заминувајќи на работа во Белград и во Србија. Секакво друго тврдење дека Мијаците и денешните нивни наследници, кои живеат во западниот дел на Македонија, се српски племиња е целосна измислица и невистина.
– Мијаците може да се каже дека се онаа племенска група во македонскиот род, кои себеси се сметаат за потомци на најстарите жители на Балканот, односно на Пелазгите и Мионите (Минејците), но истовремено може слободно да се коментира дека тие всушност се и легитимни претставници наАнтичките Македонци. Сепак, низ времето оваа посебна етногена група меѓу македонските Словени, која се одликува со силно изразена стара словенска (старомакедонска) основа, во зависност од владетелите во земјава и во регионот, била асимилирана од цивилизациите и од властите што владееле тука. Оттука единствено можам да го сфатам и протолкувам некаквото поврзување и идентификување на Србите со Мијаците – вели Брковски.
Според него, ниедно друго население од централниот тип немало и нема поголем стремеж за самостојност и независност на Македонија одошто Мијаците. Во таа насока, како што објаснува Брковски, денешните наследници на Мијаците се гордеат токму со своето име и со своите благородни генетски особености, кои го карактеризираат Македонецот на овие простори. Слично размислува и Мојсо Поповски, дипломиран професор по историја и креатор и администратор на блогот „Лазарополе“. Според Поповски, српските тврдења дека Мијаците се српско племе што живее во дебарско-реканската етнографска целина е фраза веќе слушната на овие простори. Како што објаснува професорот, ваквите тврдења, кои сега се повторно актуелни од, за него, непознати причини, доаѓаат од српска страна уште во 19 век, а пред тоа и од бугарска, но и од албанска. Проблемот, како што објаснува професорот по историја, е поради наша грешка, бидејќи политичарите во земјава досега не обрнувале внимание на културната и на локалната историја туку единствено на политичката.
– На почетокот сакам да истакнам дека денес постојат луѓе што се гордеат со своите предци и со културното наследство на Мијаците. Да си Мијак треба да си таму и да живееш во тој регион. Сепак, денес сите тие населби што се идентификуваат со Мијаците се викенд-населби и немаат реална допирна точка со мијаштвото единствено во наследувањето на некои од обичаите и традициите – вели Поповски.
Професорот, коментирајќи ги последните случувања на српската национална телевизија РТС во кои се тврдеше дека Мијаците се старо српско племе што живее во денешна западна Македонија, вели дека на тоа не треба да му се придава голема важност.
– Пред да се зборува на оваа тема треба да се има познавање за пропагандите низ годините во Лазарополе, Галичник и целиот тој крај. Според моите истражувања, во минатото имало различни струи, кои во зависност од тоа кој бил на власт во територијата на денешна Македонија, така се влечеле струите односно наклонетоста кон одредените владетели. Конкретно за српската пропаганда за Мијаците, таа започнува некаде на почетокот на 20 век кога всушност Македонија била под српска власт. Истото тоа се тврди и за времето кога Бугарите ја окупирале Македонија и ги присвојувале Мијаците како нивен народ. Оттука сакам да истакнам дека не треба сериозно да се сфаќаат овие тврдења што сега доаѓаат од Белград, бидејќи тие отсекогаш биле присутни. Важно е да се напомене дека дебарско-реканската етнографска целина и Поречијата се места каде што сонцето свети на поинаков начин и воздухот има посебен мирис и со децении се одржуваат традициите на племињата што живееле таму од кои денес се идентификуваат со карактерот на денешниот Македонец – завршува Поповски.