Спроведувањето на пописот и начинот на кој ќе се спроведе статистичката операција беше темата на која најголемите политички партии викендов разменија остри соопштенија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение побара премиерот Зоран Заев и власта да се откажат, како што се наведува, од спроведување насилен попис, што може да произведе фалсификат. Од оваа партија сметаат дека бројките на населението се однапред договорени меѓу коалициските партии и бараат оддржување електронски попис. Од партијата сметаат дека електронскиот попис ќе се спроведе врз основа на јасна методологија, со „мечирање повеќе бази на податоци“.
Од владејачката СДСМ во своето соопштение наведуваат дека секоја политичка партија има обврска да го поддржи пописот, кој, според нив, обезбедува „сигурен и предвидлив развој на државата“.
– Пописот на населението што ќе се одржи напролет ќе обезбеди целосни, точни и релевантни податоци, како основа за градење стратегии и политики за натамошен развој на државата – наведуваат од СДСМ.
Од партијата велат дека пописот ќе го спроведат професионални државни институции, како Државниот завод за статистика, и дека ќе се организира според сите меѓународни стандарди.
– По комбиниран модел, со класично попишување на терен, но и со користење бази на податоци што ги има државата – велат од СДСМ. А.С.