По бегството на поранешниот премиер и актуелен пратеник Никола Груевски, кој требаше да оди на издржување двегодишна затворска казна, легитимно е да се постави прашањето какви луѓе директоруваат, управуваат и министеруваат во една демократска земја, која наедно е и кандидат за членство во ЕУ и во НАТО? Особено кога, како што коментираат аналитичарите, јавноста има чувство дека, покрај моралната и политичката, пречесто изостанува дури и конкретната законска одговорност за носителите на функции
Високата партизација на општеството што е присутна низ годините придонесува функционерите да одговараат само пред партијата што ги поставила, но не и пред институциите на системот, а уште помалку пред јавноста. На ваков заклучок, меѓу другото, упатува и последниот случај на бегството на поранешниот премиер и актуелен пратеник Никола Груевски, кој требаше да оди на издржување двегодишна затворска казна, по што никој од надлежните органи и институции не презеде никаква одговорност. По сето ова, легитимно е да се постави прашањето какви луѓе директоруваат, управуваат и министеруваат во една демократска земја, која наедно е и кандидат за членство во Европската Унија и во НАТО? Особено кога, како што коментираат аналитичарите, јавноста има чувство дека, покрај моралната и политичката, пречесто изостанува дури и конкретната законска одговорност за носителите на функции.
Професорката Мирјана Најчевска вината за бегството на Никола Груевски во Унгарија не ја гледа кај унгарскиот премиер Виктор Орбан и кај Груевски, туку ја гледа во институциите што овозможиле тој да ја напушти државата. Професорката констатира дека политичката состојба во Република Македонија е таква што сѐ уште нема политичка зрелост од страна на политичарите да преземат одговорност за институциите што ги раководат.
– Сѐ уште нема никој што ќе преземе дел од одговорноста на институцијата со која раководи, која, пак, не го спречи Груевски да си замине – вели професорката.
Најчевска инсистира вината да се бара кај одговорните што направиле пропуст, односно кај институциите што не го спречиле заминувањето на поранешниот премиер.
– Не е виновен Груевски, не е виновен Орбан, виновни се институциите што овозможиле тој да ја напушти државата – констатира професорката Најчевска.
Зоран Начев од Институтот за демократија е смета дека треба да се преземе една сеопфатна акција за моралните вредности да се вратат во средиштето на нашето секојдневно однесување. Според него, причините за непреземањето политичка одговорност може да се бараат и во ниското ниво на политичка култура, високиот праг на толеранција во општеството и на отчетноста пред партијата, а не пред граѓаните.
– Мора да научиме да има одговорност за грешките што ги правиме. За секоја акција и за непреземање акција мора да има одговорност. А ако институциите и луѓето што ги водат не чувствуваат одговорност, јавноста е таа што мора да притисне и еднаш засекогаш да се почувствува и примени таа морална одговорност, која, за жал, недостигаше во земјава кај сите влади досега. Сѐ додека не профункционира овој сегмент на владеење, ЕУ тешко ќе ни поверува дека сме подготвени да почнеме вистински преговори за наше членство – вели Начев.
Во однос на последниот скандал со бегството на Груевски, се јави и невладината организација „Цивил“. Оттаму преку соопштение до јавноста побараа одговорност од институциите на системот за неуспехот доследно да се спроведат сериозни реформи во областа на судството, полицијата, државните комисии и агенции, односно во практикувањето на власта во целост.
– Со ова, на површина излегоа сите слабости на институциите и на политичките структури, со што директно се подрива правната држава и владеењето на правото. Овој скандал говори за неуспехот доследно да се спроведат сериозни реформи во областа на судството, полицијата, државните комисии и агенции, односно во практикувањето на власта во целост. Политичките пазарења добија предност пред потребата од решителна пресметка со политичкото и криминалното подземје. Тоа доведе до бегство на еден осуденик од висок профил и до негово барање политички азил во земја-членка на ЕУ. Тоа претставува целосно омаловажување на процесите за демократски трансформации во земјата во која токму тој бегалец од законот изврши тешки кривични дела и ја зароби државата со својот режим – се наведува во соопштението на „Цивил“.
Понатаму, од невладината организација велат дека јавноста има право да бара одговорност и мерки што ќе гарантираат дека вакво нешто нема да се случи во иднина.
– Буквално секое прашање мора да биде одговорено. Граѓанките и граѓаните на Република Македонија го заслужуваат тоа. Граѓанките и граѓаните на Република Македонија заслужуваат да добијат јавни и конечни гаранции дека ќе се забрзаат реформите, јакнењето, департизацијата и транспарентноста на институциите во духот на владеењето на правото и на почитувањето на човековите права и слободи – стои во соопштението од „Цивил“.