Техничкиот премиер Оливер Спасовски оствари средба со претседателот на Европскиот Парламент (ЕП) Давид Мариа Сасоли. На средбата, на која присуствуваше и заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, Сасоли даде целосна поддршка на сите реформски чекори кои Владата, Собранието и граѓаните ги донесоа во изминатиот период.
На средбата се нагласи дека Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се пример во регионот и столб на европската иднина на Република Македонија и дека земјата останува доследна на обврските за спроведување на договорите кои претставуваат пример за решавање на билатерални спорови.
Претседателот Сасоли и Премиерот Спасовски се согласија дека успешните реформи и новата методологија се важни чекори кон скорешно отпочнување на преговорите за членство. Таа цел е заедничка на сите европски институции и најголем дел од државите членки на ЕУ, беше констатирано на средбата.
Сасоли истакна дека Западен Балкан е стратегиски регион за ЕУ и дека тој при посетата на нашата земја се уверил дека граѓаните силно веруваат во ЕУ и во заедничката иднина. Во таа насока, рече претседателот Сасоли, Европскиот Парламент ќе даде свој придонес за поддршка на Западен Балкан на Самитот во Загреб, се наведува во соопштението на Владата.