Фото: Игор Бансколиев

Она што се наметнува како дилема е дали ваквата практика е поради недостигот од нови свежи кадри внатре во самите партии, немањето поширока конкурентска понуда или, пак, станува збор за задржување на луѓето од доверба на партиските челници на клучни позиции. Аналитичарите имаат интересни согледувања во врска со оваа тема

ДАЛИ СТАРАТА ПОЛИТИЧКА ПРАКТИКА ЌЕ ПРОДОЛЖИ И ВО НОВАТА ВЛАДА

Контурите на новата влада веќе се наѕираат, а за дефинитивните кадровски решенија ќе одлучат самите партии, но она што може да се насети од партиски брифирања и коментари е можното ротирање на кадрите од еден во друг ресор.
Ротацијата на министри не е ништо ново на македонската политичка сцена, туку претставува една константа што се случува при формирањето на секој нов владин состав изминатите години.
Сепак, она што се наметнува како дилема е дали ваквата практика е поради недостигот од нови свежи кадри внатре во самите партии, немањето поширока конкурентска понуда или, пак, станува збор за задржување на луѓето од доверба на партиските челници на клучни позиции, за да може полесно да се контролира работењето на Владата.

Тоа, од друга страна, го загатнува и прашањето колку ротацијата на министри може да биде добра за успешно функционирање на Владата, ако се има предвид дека некој што до вчера водел ресор здравство, образование, или, пак, одбрана, сега може да биде успешен во управувањето со дипломатијата, екологијата или администрацијата.
Имено, секој ресор има свои специфики така што префрлањето кадри многу повеќе упатува на задоволување на меѓупартискиот пазар за формирање влада, отколку на избор на квалитетни и конкурентни кадри што ќе се насочат во подобрување на состојбите во областа што ја раководат. Искуствата од минатото покажуваат дека одредени министри и по неколкупати ротирале од едно во друго министерство, без притоа да покажат некои големи резултати во интерес на граѓаните.

– Ротирањето на министрите од еден ресор во друг за мене е целосно несфатливо. Како може некој што се занимавал, карикирам, со екологија, сега да води полиција или администрација? Тие области немаат допирни точки, а дополнителен проблем е што кај нас обично и тие што ги назначуваат за министри во одредена област доаѓаат од некоја друга професија и едноставно не знаат со што се соочуваат, па затоа и немаме резултати – вели Никола М., службеник.
Според него, министрите се само фигури, а конците ги влече некој друг.
– Тие луѓе се поставени затоа што се луѓе од доверба кај партиските лидери. Тие се таму како чувари на партиските интереси и затоа ретко кое министерство изминативе години има направено некаква радикална реформа во насока на подобрување на животот на граѓаните. Затоа и не е чудно кога истиот човек ќе го ротираат од еден ресор во друг, бидејќи не се цени по она што го остварил за државата, туку по она што го направил за партијата – додава Никола М.

Политичките аналитичари со кои се консултиравме ја објаснуваат ваквата појава на ротирање на кадрите од еден ресор во друг со потребата на мандатарот да има околу себе луѓе од доверба.
– При ротирањето на кадрите има елементи на политичка доверба, едноставно луѓето од врвот на партијата ги задржуваат позициите. Факт е дека не може секој министер да биде добар за сè – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Според него, не е ништо страшно да се прават ротации во некои сродни сектори.
– Да земеме како пример, може министер за надворешни работи да се префрли во Сектор за европски прашања, како што министер за економија би можел да ротира во Министерството за финансии, но не може да се префрла во екологија. Некои ротации се во ред, некои не – додава Арсовски.
Тој појаснува дека мандатарите имаат свои луѓе од доверба и ним им ги доверуваат клучните ресори.

– Се разбира, некој во некоја област може да покаже одлични резултати, но во друга да биде лош. Сè зависи од луѓето што ќе бидат предложени – нагласува Арсовски.
Политичкиот аналитичар и поранешен дипломат Ристо Никовски истакнува дека менувањето на ресорите не е македонска измислица.
– Менувањето на ресорите во Владата не е македонска измислица. Во Британија, на пример, кадрите се менуваат по разни министерства уште од пониските функции, од државни секретари, помошник-министри и заменик-министри низ разни министерства за да го учат занаетот и да навлезат во повеќе пори од владеењето на државата – вели Никовски.

Според него, на тој начин се подготвува врвната бирократија, но кај нас тоа не е случај.
– На тој начин се подготвува врвната бирократија и нормално е дека ротации се прават и на самите министри зад голем дел од кои постои поранешно искуство во разните ресори. Таа практика кај нас е ретка и менувањето на министерските ресори најчесто се прави како последица на непринципиелните меѓупартиски ценкања, а не во интерес на квалитетот на владеењето – смета Никовски.