Оваа средба, како и иницијативите утврдени во планот за приоритетни мерки, воопшто не е алтернатива на аспирациите на сите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ и тоа и понатаму останува главна цел за државите од регионот, изјави премиерот Заев во своето обраќање на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан што викендов се одржа во Охрид.
– Зборувавме за тоа да го забрзаме остварувањето на сонот на нашите граѓани за Западен Балкан на 21 век. Регион во кој граѓаните, особено младите ќе ги препознаат потенцијалите за нивната иднина во регионот. Акцискиот план со приоритети на кои ќе се посветиме во наредниот период е обезбедување услови за слободно движење на граѓаните само со лични карти. Дополнително, за создавање предуслови за 24-часовно работење на границите со царински контроли во една точка и за меѓусебно признавање на фитосанитарните контроли на производите што се движат низ регионот за да се обезбеди брз и безбеден транспорт, да стигнат до пазарите во оптимално време, за што во голема мерка ќе помогнат и брзите ленти за камионите – нагласи премиерот Заев.
Тој истакна дека регионалната соработка, вклучувајќи ја и зајакнатата економска соработка, е интегрален дел на напорите за обезбедување напредок, економски просперитет и олеснување на комуникацијата меѓу луѓето.
– Овие иницијативи се во целосна согласност со повеќегодишниот акциски план за регионалната економска област, како и со активностите во преостанатите регионални иницијативи и ја прифаќаат улогата на Берлинскиот процес, како значаен двигател на регионалната соработка – истакна Заев, уверен дека овие напори се поддршка на заедничките амбиции за членството во ЕУ и дека тие ќе предизвикаат позитивно внимание и во Унијата и кај секоја од нејзините членки.
На средбата беа присутни претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ. Тие одржаа заедничка прес-конференција, на која се согласија дека оваа иницијатива и договорените мерки се од суштинско значење за понатамошно продлабочување на регионалната соработка во областите од заеднички интерес.