Повеќе од јасно е дека Македонија самата одамна ги погази сопствените црвени
линии, без оглед што била под пасивно-агресивен притисок на меѓународната заедница. Имено, никој од нас не може да се амнестира, а најмалку луѓето што биле на власт изминатите три децении, бидејќи придонеле за ставање на државата пред свршен чин што води кон идентитетска капитулација. Несомнено, она што е изгубено тешко може да се врати, но новата реалност сега налага хомогенизација околу крупните политички ставови што се однесуваат на нашиот национален идентитет,
националните белези, јазикот, историјата, како и на сите државни атрибути
Да ги оставиме црвените линии, тие одамна се пречекорени
Македонија е можеби единствената земја во светот што во името на некакви европски и цивилизациски вредности во своето тридецениско постоење како самостојна држава направи голем број болни отстапки, се разбира, во режија на меѓународната заедница, за да постигне една стратегиска, ветена цел, членство во НАТО и во Европската Унија.
Таа голгота беше проследена со низа колосални, но и симболични откажувања и отстапки на наша штета: најпрво со промена на државното знаме, потоа на Уставот и на крајот на името на државата, сето тоа под притисок на меѓународната заедница и институциите, кои во меѓународни рамки требаше да бидат синоним за демократијата, правдата слободите, почитувањето на индивидуалните и националните права, за највисоки правни принципи (јус когенс).
Да, самите го баравме тоа, но под пасивно-агресивен притисок на меѓународната заедница
Повеќе од очигледно е дека без оглед што земјава одамна ги помина сите црвени линии, најмногу благодарејќи на политиката на попуштање на владејачките гарнитури (заради ветувања, но и притисоци) изминатите три децении, очекуваните ефекти од таквата попустливост и кооперативност со меѓународната заедница не се остварија. Државата и нацијата останаа со „празни раце“, без оглед на убедувањата што стигнуваа од највисоките европски и светски политичари дека токму отстапките ќе ја внесат државата во клубот на привилегираните. Но се чини дека со отстапките се отвори спиралата на македонското национално идентитетско разобличување.
Од тие причини повеќе од јасно е дека Македонија самата ги погази сопствените црвени линии, без оглед што била под пасивно-агресивен притисок на меѓународната заедница, луѓето што биле на власт изминатите три децении придонеле за ставање на државата пред свршен чин што води кон идентитетска капитулација.
Несомнено, она што е изгубено тешко може да се врати, но новата реалност сега налага хомогенизација околу крупните политички ставови што се однесуваат на нашиот национален идентитет, националните белези, јазикот, историјата, како и сите државни атрибути.
Еден вид почетна хомогенизација би можело да биде политичкото обединување околу резолуцијата во Собранието, која ќе биде прифатлива за сите, за македонските државни позиции во однос на евроинтеграциите, но не само техничко прифаќањето на резолуцијата.
Масовна мобилизација на сите политички ресурси зад кои стои заедничка и хомогенизирачка платформа
Втор чекор е мобилизација на сите политички ресурси, државни институции, партиски ентитети, колективитети, здруженија и поединци, кои преку свои канали, со веќе утврдена национална/државна платформа, ќе станат главен промотор на тој документ, преку кој ќе му се објасни на целиот свет дека целите во резолуцијата не се некому да му се наштети или да се блокираат некакви процеси, туку да се појасни дека секоја држава има суверено право за свои државни одличја и атрибути, без никој да ѝ ги оспорува.
За тоа е потребно да се почне со една масивна дипломатска офанзива во која би биле вклучени сите дипломатски капацитети, сегашни, но и поранешни, кои со своето искуство можат многу да придонесат во промовирањето на македонските национални интереси.
Тоа подразбира посети на Брисел, Вашингтон и на сите поголеми европски центри, но и посети на соседните држави, каде што до детали ќе се појаснат текстот на резолуцијата и позициите на земјава во однос на нејзиниот идентитет, јазик и историја и дека од тоа ниту една идна влада нема да отстапи и дека сите субјекти во Македонија се обединети во однос на овој документ. Сево ова ќе го намали и маневарскиот простор на оние што и натаму сметаат дека преку уцени ќе успеат да издејствуваат нови отстапки од земјава, надевајќи се дека секоја идна влада може да биде цел на пазарење.
Има многу видни Македонци насекаде низ светот, така што треба и тие да се вклучат во борбата за македонската кауза, бидејќи имаат многу повеќе канали и контакти со луѓе од светската политичка сцена, кои можат да ѝ помогнат на земјава.
Покрај дипломатско-политичката офанзива, потребна е хомогенизација и на самото општество внатре и ангажирање на сите сили, интелектуални, невладин сектор, компании, уметници, сите на некој начин да бидат амбасадори на македонските национални одлики, претставувајќи ги насекаде.
Дома сите сили треба да се насочат и кон департизација на општеството, реформи на сите сектори, воспоставување на мерит-системот при изборот на кадри за да се обезбеди квалитет во раководењето, квалитетна и ефикасна администрација, здрав образовен систем, добра инфраструктура… Сето тоа ќе придонесе за внатрешно поставување на државата на здрави нозе.
Практиката покажа дека досега немаме искрен, чесен и фер одговор од
меѓународната заедница
Од друга страна, Македонија треба да побара од меѓународната заедница, пред сè од ЕУ, САД, соседите и од сите преостанати, искрен одговор (ако е тоа можно) какви се нивните намери. Ако европската перспектива е нереална, тогаш земјава треба да се посвети на развивање нова стратегија за тоа како понатаму, ставајќи го во прв план државниот интерес. Тука треба да се земат предвид соработки со сите партнери врз рамноправна основа, што би донеле бенефиции за земјата и за нејзините граѓани.
– Се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со С Македонија и Албанија, ова е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување – е последната порака на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Вакви пораки и надежи барем во изминатите три години земјава се изнаслуша речиси секој ден, а ветувањата на ЕУ веќе никој не ги сфаќа сериозно и повеќе од македонската јавност, но и пошироко во регионот, се перципираат како обични флоскули и празна реторика.
Доколку вистински сака, Брисел може експресно да го исполни ветувањето дадено кон земјите од Западен Балкан, односно веднаш да ги прими сите земји во Унијата и да им одреди посебен статус, без право на вето и гласање додека не ги исполнат сите европски критериуми. Кога сите ќе знаат дека се дел од европското семејство и се веќе внатре, тогаш и сите отворени прашања многу брзо ќе се затворат, а реформите уште побрзо ќе се спроведат. Како која земја ќе напредува, така ќе станува полноправна членка. Тоа би била вистинска мотивација и исполнување на европските ветувања.
Но ЕУ не го прави тоа од причини познати само на неколку земји во Унијата и затоа е добро да каже какви се нејзините планови со Македонија, односно да биде отворена и да не дава ветувања што не може да ги исполни. Тука се и САД, кои несомнено се најголем поддржувач на македонските евроинтеграции, кои исто треба да побараат прецизен одговор од Брисел што се планира со Македонија, во спротивно тие во согласност со стратегиското партнерство да пристапат кон уште потесна соработка со земјава во сите сфери. Како што сега стојат работите, можеби пореална опција за Македонија ќе беше сојуз со САД, отколку зачленување во ЕУ.
– Најголемиот дострел што Македонија може да го направи во евроинтеграциите е само да биде добар сосед на ЕУ. Унијата си има внатрешни проблеми и тешко дека во следниве години ќе се занимава со некакво проширување. Затоа за нас е најдобро да го прифатиме тој факт дека ќе бидеме добар сосед на ЕУ и да продолжиме дома да си ги спроведуваме реформите за да обезбедиме поквалитетен живот за македонските граѓани – е ставот на универзитетскиот професор Живко Андревски.
Како и да е, сега на сите им е јасно дека земјава не требаше да прави никакви отстапки што го засегнаа нејзиниот национален идентитет, но, за жал, ги направи. Она што ѝ преостанува сега е да го зачува барем она малку достоинство, оти угодувајќи му на светот, заборави да им угоди на своите граѓани. А тие ја платија и ја плаќаат највисоката цена.