Со свикување на Советот за безбедност, несомнено, целта на Радев е да го издигне спорот со Македонија на ниво на безбедносно прашање и со тоа да добие и повеќе простор и време за нови уцени и блокади. Бугарските позиции и барања кон Македонија не претставуваат ништо друго освен флагрантен пример за ултиматум, израз на империјализам, хегемонизам, па дури и фашистички однос на земја-членка на ЕУ кон земја-кандидат, како што е Македонија, тврдат аналитичарите. Според нив, ова е резултат на една константна политика од бугарска страна со години, своевремено креирана од Живков и неговите структури, која само се надградува со нови и нови барања
БУГАРСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ГО СВИКУВА СОВЕТОТ ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ ПО ПРАШАЊЕТО ЗА МАКЕДОНИЈА?!
Бугарскиот претседател Румен Радев најави свикување на Советодавниот совет за национална безбедност, на кој ќе се разговара за идниот однос на Бугарија кон Македонија и ќе се бара консензус со сите политички партии во бугарскиот парламент. Повеќе од јасно е на која карта почнува да игра Радев, кој очигледно сака прашањето за Македонија да го издигне на ниво на наводен безбедносен проблем, откако претходните бугарски аргументации не наидоа на одобрување кај европските партнери и прогресивната и правдољубива јавност. Бугарија никако да се одлепи од сеништата на минатото и мрачните времиња, наметнувајќи еден империјалистички, недемократски, па дури и фашистички приод кон македонскиот народ и држава. Бугарија грубо го прекршува и Договорот за добрососедство со Македонија, тесноградо и националистички држејќи се само до исполнување на своите интереси и желби, преку уцени и притисоци врз Македонија, но истовремено газејќи и врз принципите на меѓународното право, како и рушејќи ги критериумите и столбовите на кои се темели самата Европска Унија.
Бугарскиот претседател низ еден арогантен и силеџиски пристап сега одеднаш прашањето за идентитетот и јазикот на Македонија и Македонците го гледа како безбедносна закана, па така ќе се обиде, веројатно поучен од грчките искуства, ова да го наметне и пошироко, можеби и во ОН, каде што стои заверен македонскиот јазик, а тоа очигледно им е трн во око на Бугарите.
Во таа насока, со свикувањето на Советот за национална безбедност, треба да се постигне согласност како земјата сега ќе ја спроведува агендата во однос на Македонија, односно да се дадат насоки проблемот да се претставува како безбедносно прашање, имајќи го предвид европскиот став дека Европа не сака безбедносни проблеми.
Радев преку извртување на фактите и измислици ќе продолжи да ги убедува европските партнери дека Македонија ги дискриминира Бугарите, не им дава права, шири говор на омраза, што, според бугарската искривена логика, би можело да предизвика безбедносни импликации за Европа.
Живковистичка школа на извртување на фактите
Силеџиството и ароганцијата на Радев се видоа и преку неговите изјави по последната блокада на Македонија, кога, и покрај жестоките поделби и критики внатре во Унијата кон Бугарија за нејзините уцени кон Македонија, Радев се обиде блокадата да ја претстави како успех на неговата политика.
Ваквиот однос е тесноград, себичен и не остава простор Бугарија преку еден поширок поглед да овозможи да се изгради европска перспектива во регионот, туку Македонија се става во позиција да го започне европскиот пат само ако ги прифати бугарските уцени и апсурдни барања. Во тоа најдобро е отсликана ароганцијата на Софија, или ќе биде по наше или воопшто нема да биде.
Истиот однос е применет и во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, кој е целосно асиметричен и во кој има обврски во најголем дел само за Македонија. Истовремено, наместо да се држи на точките од Договорот, Софија излегува од неговата рамка и почна да бара работи што ги нема во документот, почнувајќи од вметнување на Бугарите во македонскиот устав, недискриминација на наводното бугарско население тука, целосно редефинирање на историските факти, запирање на некаков наводен говор на омраза, како и редица други барања, кои барем досега беа неразбирливи за европските партнери.
Тоа, несомнено, ја наметнува и дилемата како може Договорот за пријателство и добрососедство воопшто да се спроведе ако спроведувањето подразбира само задоволување на бугарските уцени, без никаква можност за дискусија и прифаќање на вистинските аргументи и историските факти и на Македонија. Погледнато низ меѓународноправна призма, ваквите бугарски позиции, дополнети со новите бугарски барања, не претставуваат ништо друго освен флагрантен пример за ултиматум, уцена, израз на хегемонизам, па дури и фашистички однос на еден народ кон друг.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски препознава континуитет на актуелната бугарска политика со политиките од некои минати времиња, кои сега ги продолжува Радев, чија главна цел беше бришење на Македонците и Македонија како држава.
– Во суштина, сето ова што сега го прави Бугарија е добро осмислен процес со додавање постојани барања со кои би се креирала меѓусебна тензија во континуитет и со што Македонија би се држела затворена. Бугарите, претставени преку Радев, добро ја сфаќаат ситуацијата кај нас и чекаат додека не го добијат она што го сакаат. Ова што го прават е буквално изживување врз нас – вели Пекевски.
Според него, ова е резултат на една константна политика од бугарска страна со години, своевремено креирана од Живков и неговите структури, кои и натаму продолжуваат да ги влечат конците на бугарската политичка сцена.
– Тоа е една константна политика, која само се надградува со нови и нови барања. Ќе држат тензија додека не го добијат она што сакаат, целосно да нè избришат, а за тоа имаат поддршка од моќна европска држава – заклучува Пекевски.
Како што напомена и нашиот соговорник, корените на ваквото однесување на Бугарија и на актуелниот претседател Радев не се од пред три-четири години, туку треба да се бараат во една нихилистичка доктрина кон Македонците што ја спроведуваше поранешниот комунистички лидер Тодор Живков, чиј добар ученик и следбеник е токму бугарските претседател. Затоа не треба да се бара рационалност, разумност и светоглед во неговата политика, кога и самиот е задоен од една политика што во времето на Живков беше поим за империјалистичка, недемократска, па дури и фашистичка во однос на непризнавањето на македонскиот народ, јазик и држава. Едноставно, Бугарија не признава јазик и народ што се признаени од ОН. Сега, како што велат нашите соговорници, истиот тој Радев, кој држи под команда добар дел од актуелните бугарски политичари, охрабрен од полниот капацитет на неговиот мандат, тргнува во конечна пресметка со македонизмот, ставајќи го на ниво на безбедносно прашање, односно „да се биде или не“ за Бугарија.
– Тие се членка на ЕУ, настапуваат од позиција на сила и Радев има проблеми со својата заднина, како поранешен млад човек за време на комунизмот. Веројатно ги трпел тие фрустрации наспроти Македонија и Југославија, каде што се живеело многу подемократски и сега еве „дојдоа моите 5 минути“, па тој и наводно историјата се реваншираат – смета Нано Ружин, поранешен амбасадор и професор.
Македонија нема простор за отстапки по идентитетските прашања
Ако се имаат предвид ваквите констатации, тогаш и изјавите на некои овдешни политичари дека проблемот со Бугарија би можел да се реши за шест дена се повеќе од несериозни и испраќаат поинакви пораки во Софија и се на штета на македонските национални интереси.
Она што во овој момент е особено важно тоа е земјава да ја задржи трезвеноста и да остави шанса низ еден конструктивен дијалог со бугарската страна да се најдат допирни точки за прашања што се во интерес на граѓаните од двете земји, наместо тие да се обременуваат со прашања за идентитетот, јазикот и историјата.
Притоа, Македонија повеќе нема простор за отстапки, бидејќи и во усвоената резолуција во македонското собрание се утврдени црвените линии што јасно укажуваат дека за идентитетот и јазикот не може да се преговара, без оглед на умерениот оптимизам по изјавите на новиот бугарски премиер Кирил Петков.
– Без оглед што има најава за поинаков пристап од новата бугарска влада, барањата се истите тие. Дополнително, тие побараа шест месеци за да се дојде до решение, а кога ќе поминат и тие, решение повторно нема да има, освен ако ние попуштиме на нивните барања (како со Преспанскиот договор) – смета Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Едно е сигурно, нашата политика мора да се држи стриктно до националните интереси наведени во резолуцијата и никој не смее да отстапува од тоа, а за сè друго може да се разговара, под услов Бугарија да не настапува од позиција на сила, ароганција и хегемонизам.
Бугарија не ги почитува пресудите на Меѓународниот суд за човекови права
Бугарија е членка на Совет на Европа и има обврска да ги спроведува пресудите на Меѓународниот суд за човекови права, но и покрај тоа продолжува да ги негира обврските и не им дозволува на Македонците таму да формираат свои здруженија.
Додека бугарскиот претседател Радев арогантно бара да се вметнат Бугарите во македонскиот устав, не спомнува ниту збор за македонското малцинство во Бугарија, кое единствено нешто што бара е право да формира сопствено здружение.
– Бугарија е обврзана да ги спроведува пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонското малцинство – вели претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано.
Според него, општото начело предвидува многу јасни правила, кои наложуваат секоја земја-членка на Советот на Европа да ги спроведува пресудите на судот како што предвидува Конвенцијата за заштита на малцинските права.
– Во голем број пресуди судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на судот во духот на конвенцијата – нагласува Спано во врска со неспроведувањето на 16-те пресуди за Бугарија за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство.
Најновата резолуција на Комитетот на министрите на Советот на Европа ѝ наложува на Бугарија да ги имплементира во својот правен поредок правата на Македонците слободно да се здружуваат во невладини и партиски организации, притоа слободно да ја изразуваат својата етничка припадност како Македонци. Непочитувањето на овие образувачки препораки може да има сериозни последици врз Бугарија поради прекршување на основните човекови права и да доведе дури и до исклучување на оваа земја од Советот на Европа.
ОМО Илинден Пирин контра Радев
Зошто е толку тешко да го признаете македонското малцинство?
Зошто е толку тешко да го признаете македонското малцинство?Партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, вчера со контрапрашање му возврати на бугарскиот претседател Румен Радев зошто е толку тешко да го признае македонското малцинство во Бугарија, откако тој претходно праша зошто е толку тешко да се стават Бугарите во македонскиот устав.
– Зарем не е срамота да се постави вакво прашање од лидер на држава што во својот устав не вклучува ниту едно малцинство, ниту зборот малцинство, во која формално се оспорува постоењето на малцинствата и чиј образовен систем не го зема предвид на сметка за придонесот на малцинствата? Би сакале да го прашаме Радев, кој знае како да прими луѓе што вчера станале бугарски државјани од странство, но не може да најде време дури ни да одговори на барањата за средби на бугарски државјани родени во Бугарија со самосвест: Зошто ви е толку тешко да го признаете македонското малцинство? За разлика од внесувањето на народното име во Уставот, тоа не е ретка привилегија, туку право и во оваа смисла е ваша должност, која произлегува од меѓународните обврски на Бугарија – велат од ОМО Илинден Пирин.