Владата на Република Македонија најави дека в среда, на 6 февруари, ќе биде потпишан протоколот за пристапување на земјава во членството на НАТО.
– Во согласност со утврдената постапка за прием на нови членки во НАТО, како и според чекорите што произлегуваат од договорот од Преспа, в среда, на 6 февруари, амбасадорите на земјите-членки на НАТО ќе го потпишат протоколот за пристапување на нашата земја во членството, со новото уставно име Република Северна Македонија.
Со овој чин, 29-те земји-членки ќе ја изразат својата согласност нашата земја да стане дел од системот и процедурите на НАТО и да учествува во работата на телата на Алијансата како поканета земја-членка без право на глас. Веднаш по согласноста за протоколот за пристапување во членство на нашата земја во НАТО, ќе започне и почнува процесот на негова ратификација во парламентите на секоја од земјите-членки на Алијансата. Грција прва ќе го ратификува протоколот, по што договорот од Преспа стапува во сила и уставните амандмани влегуваат во сила. Откако ќе заврши процесот на ратификација на протоколот во сите 29 земји-членки, нашата земја, со новото уставно име, ќе стане полноправна членка на НАТО со право на глас за сите одлуки на сојузот – се вели во соопштението на Владата.