Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Словенија.
Пендаровски, денеска во Љубљана, ќе биде примен со високи државни и воени почести од претседателот на Словенија, Борут Пахор. Предвидено е двајцата лидери да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на двете делегации.
Утре, Пендаровски ќе оствари средби со претседателот на собранието на Словенија, Дејан Жидан и со претседателот на словенечката влада Марјан Шарец.
Во Љубљана, македонскиот претседател ќе одржи предавање на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) на тема „Иднината на Северна Македонија – Како да се забрза интеграцијата во ЕУ“.
Во рамки на посетата, македонскиот претседател ќе одржи средба со европратеничката Тања Фајон, ќе се сретне со словенечки стопанственици, како и со претставници на македонски културни друштва во Словенија.
Во Љубљана, Пендаровски ќе ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“.
За време на официјалната посета на Словенија, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска.