Дел од американската и светската јавност, исто како и дел од американските и светските политичари, смета дека без американските постојани воени ангажмани и интервенции, светот би потонал во трета светска војна. Другиот дел на американската и на светската јавност, како и политичари, вклучувајќи го и претседателот на САД, Доналд Трамп, кој одбива да ги испраќа американските војници во геополитички и економски дискутабилни војни низ светот, се на сосема различни позиции по ова прашање. На тој начин, првоспомнатиот дел респектабилни поединци и група во САД (неоконзервативци или познати под името неокони) сметаат дека актуелниот претседател на САД претставува сериозна закана за нив и нивниот концепт за Америка и преостанатиот дел од светот

Анализа на „Геополитика“

Основните претпоставки на неоконите како политичката сила, образложени во неговиот есеј за „Форин полиси“ од 2017 г., Каган ги повтори и за германски „Дер шпигел“ три години подоцна. Во ова интервју тој понуди уште појасен и попрецизен опис на новата американска надворешна политика, секако, доколку неговите истомисленици успеат да ги протераат Доналд Трамп и неговите приврзаници од американскиот политички мејнстрим, а предуслов за тоа е неговиот изборен пораз. Меѓу другото, Каган изрази сомнеж дека Европејците би можеле да ја преземат американската улога во зачувувањето на мировниот поредок.

Каган: Длабоко се сомневам дека Европеjците се вистински способни да ги заменат Американците

По констатацијата на новинарот дека Европа, односно Германија, своевремено предложила испраќање европски трупи на северот на Сирија, Каган одговори: „Иако би сакал да има европско учество, длабоко се сомневам дека Европејците се вистински способни да ги заменат Американците.
Сѐ започнува со воена логика и воени способности, но сепак завршува со фундаментални прашања. Дали Европејците се навистина подготвени да ја платат моралната цена на своето постоење преку воен интервенционизам? Знаете, тоа значи убивање луѓе и жртвување невини цивили, кои умираат затоа што во секоја војна се случуваат грешки. По Втората светска војна, Германците станаа мирољубив народ. Мислам дека не би сакале да носат ваков товар.“ Со други зборови, според Каган, без САД не се може, зашто само тие можат да обезбедат стабилен меѓународен поредок.
На прашањето дали Трамп имал право кога инсистирал дека Европејците мора конечно да застанат на свои нозе по Втората светска војна, тој одговори: „Трамп го повторува само она што го има кажано секој американски претседател од Џон Ф. Кенеди до денес, а тоа е дека сакаме преземање поголем товар од страна на Европа. Но, од друга страна, мислам дека Доналд Трамп греши и она по што се разликува од сите други претседатели е фактот дека сака веднаш да ја напушти Европа, врз основа на еднострана американска одлука“.
На констатацијата на новинарот дека Трамп сигурно не е единствениот виновник за ваквиот развој на настаните, Каган реагира: „Долго време живеевме во уверувањето дека либералната демократија е трајна вредност на човештвото, но тоа е илузија.“

Трамп е најекстремната верзија на противник на концептот на неоконите

„Либералната демократија мора да се брани. САД играа клучна улога во воспоставувањето на европските демократски процеси, но веќе неколку години тие се повлекуваат од таа улога. Уште од крајот на Студената војна, американската јавност сѐ почесто се прашува зошто мора да го носи товарот на толку голема улога во светски рамки. Зошто имаме трупи во Европа? Зошто Европејците сами не водат сметка за себе? По војната во Ирак и финансиската криза во 2008 г., дебатата дојде до точка на вриење. Со Барак Обама и Доналд Трамп имавме два претседатели што сметаа дека нивна мисија е да ја тргнат Америка од оваа улога. Секако, Трамп претставува најекстремна верзија.“
Во продолжение на интервјуто, Каган ја повторува потребата од активно американско воено и политичко присуство во Европа, за одржување на мировниот поредок. Според негово мислење, без американската улога, Европа повторно би потонала во меѓусебни пресметки.

– Постојат одредени објективни фактори, кои константно го одржуваат на површина германското прашање. Веќе можете да ја забележите љубомората на другите држави во однос на германската доминација над европската економија, како и незадоволството што го создава таа доминација. Доколку од равенката го отстраните американскиот ангажман во Европа, еве што би можело да се случи – соседите на Германија ќе почнат нервозно да погледнуваат кон неа, „размрдувајќи“ ги своите економски политики, за ослободување од германската хегемонија. Ова, пак, ќе создаде огорчување во Германија, па, така, наскоро ќе имаме германска реакција во стилот: мора да почнеме да се грижиме за своите интереси…, сите други се грижат само за себе, а кој се грижи за нас – рече Каган.
По изреченово, новинарот на „Дер шпигел“ коментираше дека според Каган Европејците се вечни тинејџери, кои ќе почнат да се тепаат меѓусебно веднаш штом Америка ќе им го сврти грбот.
Фатен во небрано, Каган повторно нагласи дека во Европа не може да постои никаков мир без влијание и интервенција на САД, велејќи: „Сепак мислам дека треба да бидете непоколеблив оптимист за да сметате дека Европа ќе остане стабилна без поддршка од САД. Не може да ги споредувате Европа од доцните 1990-ти и денешнава. Збогувањето на Обединетото Кралство со ЕУ е во тек. Во источниот дел на Европа, некогашните демократски влади на Чешка, Унгарија, Полска и на Словачка влегоа во разни стадиуми на неолиберализам, а Франција ја делат само уште едни избори од победата на националистите“.

Џо Бајден – совршен претседател за целосна афирмација на политичката сила
акумулирана околу неоконите

Со совршена прецизност, Роберт Каган без никакви загради ги исцртува контурите на американската надворешна политика, која би била ставена во функција доколку Трамп не успее да обезбеди реизбор и победата му припадне на Џо Бајден. Тој ќе биде совршен претседател за целосна афирмација на политичката сила, акумулирана околу неоконите, кои во свои раце би ги зеле сите алатки на американската надворешна политика.
А како би изгледала таа, јасно покажуваат изјавите на Каган, идеологот на оваа моќна американска двопартиска политичка сила. Додека американскиот претседател Трамп јавно истакнува дека Американците не треба да водат бескрајни војни во далечни земји, очигледно е дека во случај на негов изборен пораз се подготвува терен за големо враќање на старата американска политика на дипломатски и воени интервенции, кои изродија директни и индиректни воени ангажмани од Авганистан, преку Ирак и Либија, па до Сирија. Повторно на сцена ќе стапи парадигмата за американската извонредност и нејзината улога во светот како глобален полицаец, кој се грижи за заштита на либералната демократија, заклучува Стефанов во својата обемна анализа за „Геополитика“.


Трамп најавува бурна политичка есен во САД

„Дали мирно ќе му ја предадам власта на Бајден? Ќе видиме“

Претседателот Доналд Трамп, на брифинг во Белата куќа, одби да преземе целосна обврска за мирен трансфер на власта по изборите во ноември.
„Мора да почекаме и да видиме што ќе се случи“, рече Трамп одговарајќи на новинарско прашање за обезбедување мирно предавање на власта.
Новинарот го праша претседателот: „Ако победите или изгубите или се повлечете од изборите, дали денес и овде ќе се обврзете на мирен трансфер на власта по изборите?“.
По многу обемниот одговор, Трамп возврати дека „власта ќе продолжи“.
Прво рече: „Мора да почекаме и да видиме што ќе се случи“. Потоа додаде: „(…) искрено, нема да има трансфер на власта, туку само продолжение“.
Кога првпат во 2016 година Трамп се кандидира за претседател, тој вети дека ќе ги прифати резултатите од изборите ако тие се јасни и ако излезе како победник.
Трамп во овој изборен круг посочи дека би можел да се обиде да ги оспори изборните резултати на суд, што сега добива ново значење бидејќи се подготвува за брзо пополнување на испразнето место во Врховниот суд по смртта на Рут Бадер Гинсбург
Со месеци земјата ја тресеа немири предизвикани од протестите против полициската бруталност и расизам, како и реакциите на приврзаниците на Трамп.
Моменталните анкети покажуваат дека републиканецот Трамп заостанува зад претседателскиот кандидат на Демократската партија, Џо Бајден.

(крај)