Најавениот протест на средношколците против одлуката за целосна онлајн настава првично закажан за овој петок е презакажан за понеделник 31 август, бидејќи првичниот термин се поклопуваше со верскиот празник Голема Богородица.
Како што информираат од Сојузот на средношколци, тие се залагаат за комбиниран модел, наместо целосна онлајн настава.
Според најавата, протестот ќе почне пред Министерството за образование и наука и ќе заврши пред Владата.
Делегација на Сојузот на средношколци минатиот петок беше на средба во Владата, на која присуствуваа премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката Мила Царовска и министрите за образование и за здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче, на која, како што беше соопштено од владината прес-служба, претставниците биле запознати во детали со одлуката на Владата за моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и во средното образование во услови на пандемија и дека таа е донесена врз основа на стручни анализи и препораки на Комисијата за заразни болести.
На средбата било истакнато дека моделот за комбинирано организирање на наставата онлајн со алатки за интернет-комуникација и со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение во основното образование и со одредени други исклучоци каде што тоа е безбедно од здравствен аспект е прифатен како модел, кој во најголема мера ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците.