Вчера и официјално започна кампањата за претстојниот референдум, на кој граѓаните на 30 септември треба да се изјаснат по прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“.
Носител на кампањата е Собранието на Република Македонија, а претседателот на парламентот Талат Џафери за медиумите најави дека кампањата ќе се води транспарентно, непосредно и директно, без дискриминација, предрасуди и со почитување на волјата на секој граѓанин.

– Наша цел е детално да ги информираме граѓаните за големата слика, за придобивките од нашето членство во НАТО и во ЕУ, кое не подразбира само заштитени граници, заедничка надворешна политика и отворени патишта за нашите граѓани, туку членството подразбира повеќе странски инвестиции, работни места, поголем пазар за пласирање производи, повеќе можности за образование и напредок на младите генерации, а истовремено и целосно владеење на правото, правната држава, како и реформи во судството и во сите сфери на социјалниот живот – рече Џафери.

Тој ги повика сите учесници во кампањата да се однесуваат соодветно, коректно и достојно, за граѓаните на 30 септември да ја донесат вистинската одлука.
Тој објасни дека ниту пратениците ниту партиите нема во кеш да добиваат пари од предвидените 80 милиони денари за кампања за референдумот.

– Колку ќе потрошиме од максимумот, толку ќе платиме, во согласност со дневниот медијаплан – изјави претседателот на Собранието и додаде дека парламентот наменските средства не може да ги троши за други намени, а преостанатите непотрошени средства ќе се вратат во буџетот. Од друга страна, за време на кампањата не се очекува да се одржуваат пленарни седници во Собранието, но претседателот на парламентот не ја исклучува можноста да има итна седница доколку за тоа има потреба.

Во меѓувреме, во кампањата на Собранието ќе се вклучат 71 пратеник од сите пратенички групи, со исклучок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која го известила Џафери дека нема да учествува во кампањата и дека бара средствата да бидат потрошени за други цели.

Најголемата опозициска партија за вечерва најави конечен став во врска со референдумот. Според најавите од партијата, дента ќе заседаваат партиските органи и најверојатно одлуката ќе биде соопштена кон крајот на денот. Досега од партијата се изјаснија дека Договорот со Грција е лош и дека нема да ги користат парите од Собранието за водење кампања.

Инаку пратениците по личен избор ќе можат своите референдумски ставови да ги претставуваат и во своите изборни единици, а нема пречка во таа кампања да се вклучат и други претставници на Владата и политичките партии, но тоа мора да го направат со сопствени средства. 


Европската комисија очекува да нема мешање однадвор

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, од Брисел порача дека очекува граѓаните во Македонија да гласаат на референдумот без надворешни мешања.
– ЕУ го поддржа постигнатиот договор за името, сега треба да се случат низа чекори за договорот да стане дефинитивен. Референдумот е моментот кога народот може да го искористи своето демократско право, ова е важен момент да одлучи за себе, за иднината на својата земја и треба да му биде овозможено тоа да го направи без надворешно мешање – изјави Коцијанчич.