Парламентарци од Албанија на средба со Џафери
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска имаше средба со мешана делегација од Албанија, во чиј состав покрај пратеници во албанскиот парламент, беа и градоначалникот на Општина Прењас, Нури Белба и бизнисменот Ѓерѓ Луца.
Како што информираат од кабинетот на Џафери, разговорот се одвивал во насока на взаемно споделување на искуствата од работата на двата законодавни дома и за начинот на прилагодување на работата на истите во време на пандемија.
Предводникот на албанската делегација, пратеникот Таулант Бала истакнал дека обемот на албански инвестиции во Македонија е мал и ги претставил градоначалникот на Прењас и бизнисменот Луца, за кој посочил дека е отворен за нови соработки.
Џафери потврдил дека улогата на политиката е да создаде услови за непречено движење на луѓето, стоките и капиталот, за крајно да имаат подобар живот граѓаните на двете земји.
Соговорниците споделиле и размислувања и надежи во насока на непречено одржување на меѓувладините конференции на Европската комисија со Македонија и Албанија, при што посочиле дека од суштинско значење е да се искористи моментумот за време на актуелното германското претседателство.