Микробиологот проф. д-р Никола Пановски, кој активно ги следи случувањата поврзани со ковид-19, за „Нова Македонија“ вели дека е жалосно што богатите го имаат приматот во однос на сиромашните кога станува збор за вакцинацијата
Богатите земји искреираа привилегиран статус за вакцинирање за своите граѓани
Тедрос Аданом Гебрејесус, директорот на Светската здравствена организација (СЗО), изрази жалење поради тоа што помлади и поздрави лица во некои побогати земји се вакцинираат пред загрозените здравствени работници во земјите во развој. Тој кажа дека е жалосно што некои богати земји директно им се обраќаат на производителите на вакцини за да добијат повеќе вакцини, што влијае на договорот со „Ковакс“. И според нашите здравствени експерти, жалосно е што богатите земји и во вакви ситуации креираат меѓусебен привилегиран статус за своите граѓани од категориите што воопшто не припаѓаат во загрозени, како што се помладите и поздравите.
– Богатите земји се натпреваруваат за различни вакцини во големи количества, но малку вакцини се доставени во неразвиените земји. Благодарение на напорите на програмата на ОН, вакцинацијата почна во Гана и во Брегот на Слоновата Коска. Жалам што тоа се случува по три месеци од почетокот на вакцинацијата во држави како САД, Канада и Британија – рече тој.
Директорот на СЗО потсети дека првпат по седум недели бројот на случаи на ковид-19 низ светот се зголемил минатата недела, што е разочарувачки, но не и изненадувачки.
– СЗО работи на подобро сфаќање на причината зошто бројот на заболените се зголемил, а сè укажува дека главната причина е попуштањето на мерките – кажа тој.
Микробиологот проф. д-р Никола Пановски, кој ги следи случувањата поврзани со ковид-19, за „Нова Македонија“ вели дека е жалосно што богатите го имаат приматот во однос на сиромашните кога станува збор за вакцинацијата.
– Во Северна и Јужна Америка и во Европа смртноста е 1.060 умрени лица на милион жители. Во преостанатиот дел на светот, Азија, Африка и Австралија, смртноста е 86 умрени на милион жители, или 14 пати помалку Пресметката е според извештаите на woorldmeters, ја направив минатата недела. Ако се точни бројките, јасно е каде и зошто е ставен акцентот на вакцинација. Очигледно добар дел од земјите во Африка и Азија знаат како да се справат со вирусот и без вакцина. Австралија е со 35 умрени на милион жители, и богата и успешна – вели Пановски.
Високиот претставник на СЗО за итни случаи Мајкл Рајан кажа дека е прерано и нереално да се очекува дека пандемијата ќе биде запрена до крајот на годината, но дека ефикасните вакцини секако ќе придонесат да се намали бројот на хоспитализирани и починати пациенти.
Тој кажа дека фокусот треба да се насочи на намалување на заразата со ковид-19.
– Ако бидеме паметни, можеме да завршиме со хоспитализациите и смртните случаи до крајот на годината – рече Рајан.
Според пресметките, меѓународната организација составена од седумте најразвиени индустриски земји Г7, вклучувајќи и други земји од Европската Унија и Австралија, купила речиси 1,25 милијарда дози вакцини повеќе од дозите потребни за вакцинирање на целото нивно население против ковид-19.
Со ширењето и варијациите на коронавирусот во некои земји, заштитната способност на постојните вакцини ќе биде ослабена. Тедрос истакна дека споделувањето вакцини брзо и правично е од суштинско значење за надминување на кризата со вирусот. Според него, владите, производителите на вакцини и меѓународната заедница треба да преземат итни активности за да го исполнат ветувањето за праведно обезбедување вакцини.