Според експертите, проблемот со кој се соочува домашната политичка сцена, но и раздвоеното општество, ни најмалку не е наивен, туку тој треба да се разгледува и да му се пристапува претпазливо
Ако патот кон помирувањето треба да оди преку правдата, како тогаш политичарите ќе решат да ја отфрлат таа правда за да остварат некои политички цели, па макар тоа биле и членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Дали помирувањето ќе биде само со краток здив, за потоа поделбите и недовербата да се вратат во уште поголеми размери, е дилемата што ја разбранува домашната јавност по идејата на премиерот Зоран Заев за помирување што тој ја соопшти неодамна, пред да се обезбеди двотретинското мнозинство потребно за уставните измени.
Според аналитичарите, без оглед дали помирувањето ќе се случи или не, не треба да има помилување за сторени кривични дела. Вака дел од домашните познавачи на проблематиката ги коментираат последните случувања во парламентот, односно најавите за доставување на предлог-законот за амнестија од страна на ВМРО-ДПМНЕ за сите инволвирани во случувањата во Собранието на 27 април минатата година. Според упатените, поддршката во Собранието за продолжување на процесот за усвојување на уставните измени што произлегуваат од спогодбата со Грција не треба да оди рака под рака со најавите за помирување и потребно е да се појасни во јавноста што се подразбира под помирување и како функционира тоа. Во исто време тие објаснуваат дека пазарењето за партиски и лични интереси во никој случај не може и не смее да се претставува како дел од помирување и транзициска правда, како што тоа, впрочем, се провлекува и толкува деновиве. Според нив, таквиот начин на размислување ги урива сите постулати на кои почива една правна држава и законите во една земја, норми за кои Македонија се залага на својот пат кон ЕУ и НАТО.
Социологот професор Илија Ацевски на последните случувања гледа како на обид да се внесе целото општество во партиско-политичките недоразбирања што постојат во парламентот. Според него, проблемот со кој се соочува домашната политичка сцена, но и раздвоеното општество, ни најмалку не е наивен, туку тој треба да се разгледува и да му се пристапува претпазливо. Според Ацевски, политичкото помирување е сосема различно од општественото. Првото подразбира дека треба да постои отворен јавен дијалог за премостување на тешкото и проблематично минато, исполнето со злоупотреби и неказнивост. За другото треба да се воочи одговорноста, која доколку е прекршена и е голема, не треба да се заобиколи, бидејќи нејзиното несанкционирање се коси со постулатите на една правна држава.
– Самиот факт дека се иницира закон за амнестија откога ВМРО-ДПМНЕ исклучи од членство видни членови на партијата, односно пратениците што ја поддржаа иницијативата за уставни промени, укажува на тоа дека ова е повеќе партиска работа отколку реално повикување на простување на случувањата од 27 април – смета социологот Ацевски.
Ваквите партиски игри, според него, создаваат огромен проблем во општеството, бидејќи она што се случува во парламентот веднаш лесно се пренесува кај граѓаните. Таквиот развој на околностите само дополнително го електризира и така поделеното општество, на кое итно му е потребно помирување.
– Иако проблемот на прв поглед изгледа наивно, нималку не е така. Помирување или помилување во основа се неразбирливи појави. За помирувањето имаме јасно определени субјекти што треба да си простат, а за помилувањето институција што треба да му прости на еден субјект за стореното дело. Во вториот случај субјектот се огрешил пред законите и сега треба да биде санкциониран, бидејќи, доколку се случи селективна правда и тој не биде казнет, ќе се нарушат правните принципи на една држава, кои подоцна можат да се срушат како кула од карти. Доколку таквиот процес помине во парламентот, се коси со сите меѓународни повици до нас за функционирање на правната држава, за што се изнаслушавме во периодов како единствен наш услов за влез во ЕУ и НАТО – вели Ацковски.
Професорот додава дека водачите, односно лидерите на партиите се тие што треба на своите групи да им пренесуваат позитивни мисли, кои ќе се пренесат во нивните слогани, а подоцна се впиваат во општеството.
Од друга страна, професорот Јове Кекеновски смета дека Република Македонија во моментов е исправена пред сериозни предизвици. Тие не се само поврзани со прашањето за името и евроатлантските интеграции, туку и со прашањето на помирувањето, односно соочување со минатото. Помирувањето и одговорноста заедно, потребно е да се појасни во јавноста што се подразбира под помирување и како функционира тоа. Пазарењето за партиски и лични интереси во никој случај не може и не смее да се претставува како дел од помирувањето што го спомна премиерот Заев.
– Кога говориме за помирување а да не биде алудирање за амнестија, јас подразбирам да си подадеме рака и да си простиме еден на друг што сме направиле, но не и да бидеме ослободени од одговорноста. Тука мислам во случај кога е повредена државата и се нарушени некои од општествените норми. Лично помирување еден кон друг да, но не и друго помирување, со кое некои лица би биле ослободени. Помирување на индивидуален, општествен и секаков друг план да, но не и амнестија – вели Кекеновски.
Професорот укажува дека треба да се внимава при одбирањето на терминологијата на политичарите во нивните говори до јавноста, бидејќи со несоодветна терминологија се прави притисок на судството, обвинетите и сите други што се вклучени во процесот. Кекеновски сугерира дека може да се зборува за помирување само ако се расчистат работите правно и се утврди вината.
ПО ПОДНЕСЕНИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА
Власта и опозицијата повторно во клинч
Во меѓувреме, во пресрет на подготвувањето на нацрт-амандманите за промена на Уставот, ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе предлог-закон за амнестија за сите инволвирани во случувањата во Собранието на 27 април минатата година. За СДСМ таквиот чекор и предлог-законот се брутален упад во правосудството и најавија формирање собраниска комисија за помирување и национално обединување. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека евентуално неподдржување на предлог-законот од страна на СДСМ ќе биде потврда дека власта спроведува селективна правда.