ВИРУСОТ СО ОБЈАВУВАЊЕ НЕЗАКОНСКИ ПРИСЛУШУВАНИ РАЗГОВОРИ СЕ ШИРИ И ВО ЗЕМЈАВА И ВО РЕГИОНОТ
Според аналитичарите, овој начин на дејствување е штетен за политичката стабилност и во нашата земја и во регионот, и таа практика треба да прекине еднаш засекогаш бидејќи им пркоси на темелите на демократијата
Дали објавувањето на незаконски прислушувани разговори прераснува во политичка алатка, која по случувањата во Македонија сега добива и балканска димензија и постои ли т.н. црн пазар на снимени разговори на кој се тргува во земјата и во регионот.
Овие дилеми се актуелни во домашната и во регионална јавност по серијата нови случувања од оваа област во земјата, но и на настаните од слична природа, кои ја потресуваат соседна Албанија.
Имено, изминатиот период во медиумите во земјата, но и во Европа беа објавувани прислушувани разговори за политичари од Албанија во кои се иницираат коруптивни дејности на тамошните државни и политички функционери почнувајќи од купување гласови за избори, па до продажба на наркотици. Во меѓувреме, паралелно со овие настани на домашно поле, во последниве неколку месеци во Македонија се појавија прислушувани разговори, кои дојдоа од неколку различни извори. Најнапред под псевдонимот Илија Громовник на руските социјални мрежи се појавија аудиоразговори на кои се препознаваат гласови на некогашни и на актуелни функционери од власта. По овие снимки следуваше објавување нови аудиоразговори, кои од профилот Ел Чека се објавуваат на Фејсбук и се тврди дека на нив се слушаат политичари од ДУИ.
Портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа, во врска со објавувањето прислушувани разговори на Фејсбук, истакна дека Владата нема да го коментира тоа што се случува во последно време со бомбите и оти за тој случај надлежните институции, во случајот МВР, веќе ја информирале јавноста.
– Тоа што го кажав останува. Владата нема повеќе да коментира. Ставот на Владата е тоа што го соопшти МВР пред неколку дена – рече Хоџа.
Тој потсети дека минатата недела МВР соопшти дека лицето што ги објавило т.н. бомби со прислушувани разговори на Фејсбук е детектирано и дека полицијата во соработка со Јавното обвинителство работи на целосно расчистување на случајот.
Истиот ден во јавноста со став излезе и специјалното јавно обвинителство, кое преку соопштение информира дека новообјавените бомби споделени од профилот на Фејсбук не потекнуваат откај нив.
– Новообјавените разговори објавени од фејсбук-профилот под псевдонимот Ел Чека не потекнуваат од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во оваа смисла, ја уверуваме јавноста дека сите аудиоматеријали со кои располага ова јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури, кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите – тврдат од СЈО.
Претходно, во телевизиско гостување, првиот човек на специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, пак, даде сосема поразлична изјава од онаа на институцијата што ја раководи.
На новинарско прашање на оваа тема насочено кон Јанева, за тоа дали може да се гарантира дека бомбите потекнуваат од СЈО, обвинителката одговори: „Не, не можеме да гарантираме ништо“.
Од СЈО информираат дека при анализа и обработката на материјалите се постапува во согласност со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот.
– Повторно истакнуваме дека ова јавно обвинителство ја гарантира единствено безбедноста на сите аудиоматеријали со кои располага и во оваа пригода, како и повеќепати досега, ги повикуваме сите субјекти, кои поседуваат аудиоматеријали, кои се предмет на незаконско следење на комуникациите истите тие да ги достават до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите – информира СЈО.
Од друга страна, Европската комисија (ЕК) информира дека Европската Унија не сака да ги коментира новите прислушувани разговори, кои се појавија во јавноста од Ел Чека.
– Ние не коментираме за тековните истраги или постапки. Комисијата забележува дека властите преземаат акции во врска со неодамна објавените прислушувања – се вели во изјавата на ЕК.
Поранешниот амбасадор и политички аналитичар Арсим Зеколи во контекст на актуелните случувања, пак, на својата фејсбук-страница запрашува дали станува збор за случајност или меѓудржавен скандал и дали македонските власти стојат во заднината на бомбите за Еди Рама, објавени во германскиот весник „Билд“.
Претходно на една од седниците на Комисијата за политички систем во Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, го обвини СЈО дека ги прекршува законските норми и праша дали се предадени сите прислушувани разговори и дали има записник за таквото примопредавање, со оглед на тоа што во јавноста имало шпекулации дека има такви разговори на црниот пазар.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски во свој осврт на случувањата истакнува дека очигледен факт е дека политиката во земјата, но и во соседството, за жал, се размрдува со практика, која подразбира објавување прислушувани разговори на опоненти за добивање политички придобивки.
Аналитичарот вели дека овој начин на дејствување е штетен за политичката стабилност и во нашата земја и во регионот и таа практика треба да прекине еднаш засекогаш бидејќи им пркоси на темелите на демократијата. И додека во државата со закон е забрането користење на какви било пиротехнички материјали, петарди, и слично, повеќе од очигледно е дека не може да се спречи детонирањето на прислушуваните разговори или таканаречени политички бомби. Со други зборови, користењето петарди е забрането и казниво додека објавувањето бомби е слободно и во тренд.
За тоа чија разорна моќ е поголема, а со самото тоа и какви се последиците врз државата и општеството веројатно им е јасно на сите.