Претседателот Стево Пендаровски оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој престојува во работна посета на Македонија.
На заедничката прес-конференција, Пендаровски му се заблагодари на Мишел бидејќи уште на почетокот на неговиот мандат јавно изразил поддршка за отпочнување на претпристапни преговори за Македонија.
– Вашата посета нѐ уверува дека во Вас имаме силен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Членството во ЕУ, без никакви резерви, е наша основна стратешка цел и продолжуваме да работиме за нејзино исполнување – истакна Пендаровски во своето излагање.
Претседателот нагласи дека иако минатиот октомври земјава доби непријани вести, сепак постои голема надеж дека наскоро ќе има позитивни моменти за нашата европска интеграција.
– Се надеваме дека, многу скоро, уште во март оваа година, ќе биде усвоена новата методологија за водење на претпристапните преговори и дека наскоро ќе има позитивни вести за нашата европска интеграција. Очекуваме дека со новата методологија ќе се зајакне процесот на пристапните преговори, како политички така и во однос на кредибилитетот и одржливоста. Како што Ви истакнав и на нашата средба, ние сме подготвени да ја прифатиме новата методологија затоа што тоа е во наш интерес, процесот да биде одржлив и кредибилен – му порача македонскиот претседател на Мишел.
Пендаровски додаде дека од сите политичати во земјава, вклучително и оние во опозиција, се очекува да продолжат со работа на реформската агенда и дека европската интеграција не е значајна само за Македонија, туку за целиот регион.