Фото: Архива

Амбасадата на САД за време на изборите реагираше до Обвинителството, посочувајќи индиции за 83 лица, повеќекратно осудени сторители на кривични дела, кои со огнено оружје може да го попречат изборниот процес. Според дипломатите, ваквото нетипично реагирање на Амбасадата на САД за време на изборниот ден може да се
протолкува двострано

УПАД ВО ВНАТРЕШНИТЕ РАБОТИ со
ГЕСТ НА ПРИЈАТЕЛСТВО

За време на изборниот ден од првиот круг на локалните избори, амбасадата на САД во нашата земја во екот на гласањето реагираше до државните институции, укажувајќи дека добиле информации за можни изборни нерегуларности.
Според информациите што допреа до јавноста, Обвинителството добило известување од страна на Амбасадата на САД дека добиле информации од одредено лице, кое истакнало дека 83 лица, кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела, се на слобода и со огнено оружје може да го попречат изборниот процес. Оваа информација потоа во текот на изборниот ден не беше потврдена од МВР.

Во контекст на расветлување на заднината и мотивите на ваквите случувања, „Нова Македонија“ побара мислење од државните институции за настанот, како и толкување од дипломати и политички аналитичари како може да се оцени овој чекор на Амбасадата на САД или да влијае врз изборниот процес. Дотолку повеќе што информацијата дојде во екот на изборите и истата таа доби голем публицитет во јавноста.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) за „Нова Македонија“ информираат дека по пријавените случаи од страна на Амбасадата на САД се постапува.
Оттаму додаваат дека во текот на денот се дадени насоки до МВР за проверка на настаните, а кога Обвинителството ќе поседува релевантни информации, тие ќе бидат веднаш споделени со јавноста.
Од Обвинителството информираат и дека Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик, но и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, нотирала дека во текот и за време на првиот круг од гласањето на локаните избори се пристигнати голем број известувања, поднесоци и пријави за индиции за сторени изборни нерегуларности.
– По сеопфатна анализа и проверка на наводите во доставените поднесоци и пријави, Комисијата и основните јавни обвинителства што постапуваа по нив итно и неодложно утврдија постоење елементи на сторени кривични дела што се гонат по службена должност во мал дел од добиените поднесоци и пријави. По нив се оформени предмети во соодветните основни јавни обвинителства и интензивно се прибираат материјални и вербални докази. По нивното разгледување и анализа, надлежните обвинители ќе донесат и соодветни јавнообвинителски одлуки за натамошно постапување – велат оттаму.

Според ОЈО, Комисијата за следење изборни нерегуларности во континуитет ќе ја координира работата на основите јавни обвинителства сѐ до завршувањето на изборниот процес за локалните избори.
Од МВР, пак, само кратко информираа дека истрагите за настаните се во тек.
Во меѓувреме, дипломатите и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека реакцијата на американската амбасада во земјава за време на првиот круг од локалните избори може да се протолкува како двострана. Според нив, од една страна ваквото дипломатско реагирање за време на изборниот ден е нетипично и сето тоа може да се протолкува дури и како мешање во внатрешните работи на Македонија, но од друга страна истовремено овој чин, кој доаѓа од нашиот најголем стратегиски партнер, во суштина ѝ помага на земјата да има чист и регуларен изборен процес.
Дипломатот Драган Јањатов во својот осврт на случувањата вели дека не е вообичаено дипломатските претставништва во земјата да реагираат во Обвинителство за време на изборниот ден. Според него, токму за таа намена е мисијата на ОБСЕ, која врши тесен и непосреден мониторинг на изборниот процес.
– Овие настани може да се протолкуваат и како своевидно мешање во внатрешните работи на една суверена земја, иако станува збор за нашиот најголем стратегиски партнер, а како споредба би можело да се замисли што би се случило во јавноста и во меѓународната заедница ако сличен чин направеше и руската амбасада во Македонија и отворено контактираше наши државни институции за можни изборни нерегуларности – вели Јањатов.
Дипломатот вели дека во периодот што следува ќе дознаеме дали амбасадата реагирала импулсивно или сето тоа е поддржано од страна на Стејт департментот.
– Мора да се констатира дека Македонија не е исклучок во ваквото дипломатско дејствување, а истите состојби се присутни и во соседна Бугарија, каде што со месеци трае сагата за избор на владејачка гарнитура, во која одвреме-навреме во јавноста излегува американската амбасада – вели Јањатов.
Тој објаснува дека ваквото дејствување има цел да се креира клима на „контролирана нестабилност“ во двете земји, сѐ додека не се надмине главниот дипломатски проблем меѓу нив.

Јањатов додава дека слични се состојбите и на целиот Балкан, а сето тоа ќе се забележи и во изборните процеси во Косово, Босна, Србија и во Црна Гора.
– Тоа е така бидејќи Балканот очигледно и натаму е буре барут, а големите сили се обидуваат да го затворат како отворено прашање на долг план – вели Јањатов.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека реакцијата на САД, колку и да изгледа нетипична, во суштина покажува дека нашата земја нема свој ефикасен и брз систем да ги превенира изборните нерегуларности кога се случуваат во моментот.
– Со оваа реакција се покажа дека САД навистина се грижат Македонија да има чист и транспарентен изборен процес. Со ваквите реакции на нашите партнери од меѓународната заедница, во суштина се зацврстува демократскиот капацитет на земјата, а главен гарант за сето тоа, очигледно, е поддршката на САД на сите нивоа – вели Пекевски.

[email protected]