Средба Стево Пендаровски – Киријакос Мицотакис
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Грција, денеска во Атина се сретна со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис.
На средбата соговорниците разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, при што беше оценето дека официјалната посета на највисоко ниво означува важен момент во развојот на односите.
Претседателот Пендаровски оцени дека постои видно подобрување на билатералните односи меѓу двете држави по потпишувањето на Преспанскиот договор, со потенцијал за натамошно зајакнување на соработката во секое поле од взаемен интерес.
На средбата претседателот Пендаровски истакна дека треба да се искористи целиот потенцијал и двете држави да градат вистинско стратешко партнерство.
Соговорниците на средбата разговараа за можностите за натамошно зајакнување на економската соработка, при што беше изразено задоволство од трендот на зголемување на трговската размена. Претседателот Пендаровски изрази уверување дека економската соработка треба да биде темелот на односите меѓу двете држави, имајќи ги предвид придобивките за економиите на двете страни. Во таа насока, беше истакната потребата за натамошен развој на инфраструктурното поврзување меѓу двете држави.
Претседателот Пендаровски изрази благодарност за силната поддршка што Грција ја дава за апсирациите за членство на Македонија во Европската Унија, оценувајќи дека деблокадата на процесот ќе придонесе за стабилноста и напредокот на целиот регион.