Аденовирусот има исклучително негативна површина,
а тромбоцитниот фактор е исклучително позитивен,
па заемно многу добро се вклопуваат
Комбиниран тим научници од двете страни на Атлантикот на прагот на надминување на проблемот
Научниците веруваат дека ја пронашле причината што доведува до екстремно ретки згрутчувања на крвта по примањето на вакцината „Астра Зенека“, пишува Би-би-си. Тимот стручњаци во Кардиф и во САД дадоа детален приказ за тоа како протеинот во крвта ја привлекува клучната компонента на вакцината. Според нив, ова предизвикува верижна реакција, во која е вклучен и имунолошкиот систем и која може да кулминира со опасни згрутчувања.
Се смета дека вакцината против ковид-19 има спасено околу еден милион животи. Меѓутоа, загриженоста во врска со крвните згрутчувања влијаеше на начинот на кој вакцината се користи во светот, вклучувајќи ја и алтернативата што во Велика Британија им се нуди на помладите од 40 години, пренесува „Јутарњи лист“.
Со цел да се открие зошто доаѓа до ваква последица и дали таа може да се спречи, се почна амбициозен научно-детективски лов. Истражувачкиот тим од Кардиф, составен од врвни научници, доби исклучително високи финансиски средства за да најде одговори на прашањата. На овој истражувачки проект му се придружија и научниците од таборот на „Астра Зенека“.
Портпаролката на „Астра Зенека“ нагласи дека е поверојатно крвните згрутчувања да се појавуваат поради инфекцијата со ковид, одошто поради примањето вакцина, како и дека сè уште немаат добиено комплетно објаснување зошто тие се појавуваат.
– И покрај тоа што истражувањето уште не е конечно, тоа нуди интересни сознанија, а „Астра Зенека“ ги истражува начините за користење на овие сознанија, со цел да ја елиминира оваа исклучително ретка нуспојава.
Постоеја две почетни траги: поголем ризик од згрутчување беше воочен само кај некои технологии на вакцини, а тука беше и фактот дека луѓето со згрутчувања имаат необични антитела, кои во крвта го напаѓаат протеинот наречен тромбоцитен фактор четири.
Сите вакцини што се користат во Велика Британија се обидуваат да вметнат парче генетски код во телото, за да го „тренираат“ имунолошкиот систем.
Научниците сметаа дека аденовирусот би можел да биде поврзан со ретките згрутчувања што се појавуваат кај некои луѓе. Затоа тие решија да користат техника наречена криоелектронска микроскопија, со помош на која детално би го снимиле аденовирусот на молекуларно ниво.
Нивното истражување, објавено во списанието „Саенс адвенсис“, откри дека надворешната површина на аденовирусот како магнет го привлекува тромбоцитниот фактор четири.
Професорот Алан Паркер, еден од научниците на Универзитетот во Кардиф, коментирајќи го истражувањето за Би-би-си њуз, рече:
– Аденовирусот има исклучително негативна површина, а тромбоцитниот фактор е исклучително позитивен, па заемно многу добро се вклопуваат. Успеавме да докажеме дека постои поврзаност помеѓу клучните докази за аденовирусот и тромбоцитниот фактор четири. Го пронајдовме предизвикувачот, но следуваат уште многу чекори.
Научниците веруваат дека следна фаза е „погрешно поставен имунитет“, но тоа треба да биде потврдено во понатамошните истражувања.
Се смета дека телото почнува да го напаѓа тромбоцитниот фактор четири, откако ќе го „замени“ со делот од аденовирусот за кој е залепен. На тој начин во крвта се ослободуваат антитела, кои се собираат со тромбоцитниот фактор четири и активираат создавање опасни крвни згрутчувања.
Згрутчувањата познати како тромботична тромбоцитопенија предизвикана од вакцина се сметаат за виновници за смртта на 73 лица, од вкупно 50 милиони дози „Астра Зенека“, со кои беа вакцинирани милиони луѓе во Велика Британија.
Универзитетот „Оксфорд“ одби да даде коментар околу истражувањето.
Д-р Вил Лестер, советник хематолог при Универзитетската болница во Бирмингем, излезе со пофални оцени за деталното истражување, велејќи дека тоа помага во објаснувањето на веројатниот прв чекор во процесот на згрутчувањето, но истовремено истакна и дека многу прашања останале без одговор.
Екипата научници од Кардиф се надеваат дека нивните откритија ќе може да се искористат за подобрување на вакцините во иднина, со цел да се намали ризикот од и онака ретките смртни исходи по нивното аплицирање.