Во рамките на работната посета на Кралството Данска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со министерот за надворешни работи, Јепе Кофод.
Главна тема на разговорот биле европските перспективи и очекувања на нашата држава – имплементација на одлуката од март мината година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.
Кофод ги поздравил остварените резултати на нашата Влада со цел зајакнување на демократијата и владеење на правото, при што ја истакнал нужноста од континуирана и посветена имплементација на европските стандарди и реформските цели. Тој порача дека Данска останува силен поддржувач на евроинтегративните перспективи на Македонија со верба дека набргу и формално ќе почнат преговорите за пристапување во ЕУ.
– Фокусот кон реформите и напредокот во клучните области, исполнувањето на добропознатите „копенхашки критериуми“, кои и со новата Методологија не се изменети, како и продлабочување на добрососедските односи и натаму остануваат наш приоритет, и во периодот кој претстои. Северна Македонија испорача на сите полиња и заслужува валоризација на остварениот напредок. Формалниот почеток на преговорите е само симболичен почеток на долгиот пат на трансформација, но важен сигнал и неопходно охрабрување до целиот регион кој ќе го зацврсти кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес. А тоа ни е важно на сите, особено нам – земјите од регионов, затоа што европската идеја е таа која нѐ обединува околу современите вредности – истакна Османи.
Соговорниците на средбата разговараа и за неодамна започнатиот процес на стратешка рефлексија во земјите членки и на ниво на ЕУ во рамки на Конференцијата за иднината на Европа, при што Османи му порача на Кофод дека ние сме подготвени, согласно својот статус како кандидати за членство да го дадеме својот скромен придонес што ќе овозможи позитивен импулс за унапредување на севкупната Европска агенда.