Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој во рамки на престојот во Вашингтон вчера имаше средби во Конгресот, а денескa работно ги посети Стејт департментот и Белата куќа, во изјава за МИА потврди дека во двата комитета за надворешна политика, на Сенатот и на Претставничкиот дом, била започната процедура за ратификација на протоколот за влез на Македонија во НАТО.
-Ова е многу позитивни и невобичано брзо, што зборува за желбата и поддршката од САД за ратификација. Сега зависи како во самиот Конгрес ќе оди самата постапка, но процесот е започнат, изјави Османи.
Тој укажа дека нацрт-резолуцијата за поддршка на Преспанскиот договор подготвена од сенаторот Рон Џонсон, претседавач со Комитетот за домашна безбедност и владини прашања при Сенатот на САД, што идната недела оди на усвојување во Сенатот, треба да има позитивен ефект во охрабрување на забрзување на процесот за ратификација на протоколот.
-Резолуцијата ќе има позитивен ефект како овде така и кај другите земји членки на НАТО чии парламенти исто така треба да го ратификуваат приемот на Македонија, истакна Османи.
Вицепремиерот очекува зголемување на американските и другите странски инвестиции со приемот на Македонија во НАТО.
-Од осамостојувањето на Македонија до денес САД имаат инвестирано 637 милиони долари, најголем дел преку УСАИД, и друг дел преку директна поддршка во буџетот. Очекувам поддршката да продолжи. Членството во НАТО создава неопходна политичка и економска предвидливост со што странските директни инвеститори ќе се охрабрат да дојдат во Македонија следејќи го патот на другите земји, како Германија,рече Османи.
Според него, трговската размена само со Германија е 4 милијарди евра годишно, од коишто Македонија има суфицит, односно повеќе извезува отклку што увезува.
-Македонија има добра географска позиција и поволни услови за инвестиции, но тие се засилуваат со политичката и еконмската предвидливост што сега ја дава НАТО, додаде Османи.
Во врска имплементацијата на Планот 18, рече дека февруари е крајниот рок кога Владата треба да спроведе најголем дел од реформите, посебно системските решенија.
-Бидејќи нашиот придонес во извештајот на Евроспката комисија треба да се испрати до 4 март. Дотогаш Собранието треба максимално да ги усвои законските решенија од Планот 18. Владата треба да ги имплемантира тие законски решенија, собирајќи конкретни примери за промените во општеството и однесувањето на државните службеници во судството, во јавната администрациа, во безбедносните службии, изјави вицепремиерот.
Укажа дека посебен успех е транспарентниот избор на Антикорупциската комисија, додавајќи дека е оптимист за тоа што во земјата е создадена позитивна клима и динамика.
– Посебно важно достигнување е изборот на Антикорупциска пред претседателските избори. Ова беше еден од клучните елементи на Планот 18 и е дополнително силен аргумент за одлуката за започнување на преговорите со ЕУ која се очекува да биде донесена на 21 јуни, истакна Османи.
Пред експерти и претставници од Стејт департменот и други невладини органзиации тој денеска учествуваше на тркалезната маса во Германскиот Маршалов фонд, каде имаше обраќање на тема: „Следните чекори: Македонија на пат кон демократските реформи и членството во НАТО и ЕУ“. кб/хс/