Колку навистина се коректно пресметувани и калкулирани податоците добиени од истражувањето на „Галуп“, поврзано со толерантноста кон мигрантите, во кое се заклучува дека нашата земја е на врвот на листата на нетолерантност кон нив? Кои се критериумите врз основа на кои е изведен заклучокот? Кои параметри се земени предвид? Според експертите со кои се консултиравме, документот мери т.н. „сентимент“ на бегалците и мигрантите, но токму тие акцентираат дека „сентиментот на анкетираните не е исто што е и третманот на бегалците во целите општества“
Реакции на истражувањето на „Галуп“ за индексот за толерантност кон мигрантите во Македонија
Според неодамнешното истражување на „Галуп“, Македонија има најнизок индекс во светот за третманот на мигрантите во светот, 1,46 од можни 9 поени. Зад нас втора е Унгарија (1,64), трета е Србија (1,79). На табелата за нетолерантност кон бегалците следуваат повеќе земји од регионот и од светот, односно Хрватска (1,81), Босна (1,85), Црна Гора (1,87), Летонија (2,25), Малезија (2,24), Тајланд (2,48), Словачка (2,52) и Турција (2,53). Во истражувањето, од друга страна, како најтолерантни држави кон бегалците се наведуваат Канада, со индекс (8,46), Исланд, Нов Зеланд, Австралија, Сиера Леоне, САД итн.
Во сублимиран заклучок, анализирајќи ги наодите во овој документ, експертите со кои се консултиравме истакнуваат дека информациите во истражувањето на „Галуп“, благо речено, се неточни. А со тоа и навредливи за Македонија. Тие додаваат дека сликата врз која е рангирана Македонија за третманот на беглаците е формирана или врз база на податоци што не се сериозно методолошко-истражувачки третирани или врз основа на техничка грешка (намерна или ненамерна) при спроведувањето на истражувањето. Фактот што не сме членка на ЕУ, ниту земја што е крајна дестинација за мигрантите, е исто така битен, а истражувачот ја става Македонија во ист барабан со тие земји. И економиите на земјите крајни дестинации на мигрантите, за разлика од нас, се темелат на апсорбирање мигранти и работна сила од целиот свет.
Анкета на сентимент наместо индекс на реалност
Александар Стојановски од „Евротинк“, кој е експерт за прашањата поврзани со миграцијата, а самиот е дел од организација што во својата работа редовно спроведува стручни истражувања и анкети, последниот документ на „Галуп“ го коментира како конфузен, неточен и нелогичен. Според него, истражувањето на „Галуп“ во конкретниот случај не прави разлика меѓу мигрантите и азилантите што дојдоа во нашата земја од Блискиот Исток и транзитираа кон Европа во 2015 година и класичните традиционални економски мигранти, кои отсекогаш функционирале од земја во земја на Балканот.
– Токму поради оваа причина, е направен „превидот“ со кој Македонија е оцрнета дека е нетолерантна кон бегалците. Сето тоа е толку погрешно, што ни приближно не ја отсликува вистинската слика за оваа тематика – вели Стојановски.
Напротив, според експертот, Македонија одлично се справи со бегaлците и мигрантите во бегалската криза, и без поголем проблем успеа да ги згрижи луѓето, кои во бројка од над милион транзитираа кон остатокот од Европа.
– Дополнително, нашата земја не негува традиција на дискриминација или на крајно десни политички дејствувања, кои како во некои земји мотивира лица да ги напаѓаат и тепаат мигрантите и бегалците – вели Стојановски.
Аналитичарот објаснува дека, дури и во споредба со регионот, испади на национализам насочени кон мигрантите и бегалците на крајните граници на ЕУ има во голема мера повеќе во Грција, Бугарија, Романија, па дури и во Унгарија и во Хрватска.
– Кога ќе се сублимира ќе се разбере дека грешката во овој документ на оваа многу битна тема настанала при процесот на формирањето на индексот, кој очигледно премногу општо ја цели на миграцијата и конкретно не се однесува само на бегалците и азилантите – истакнува Стојановски.
Дополнително, Стојановски поентира дека во истражувањето од „Галуп“ се поставувале три прашања на соговорници на оваа тема и преку нив се истакнувало јавното мислење за мигрантите и миграцијата генерално, па оттука е можно да постои и негативен дискурс по овие прашања, но тоа не ја отсликува толерантноста на нашето општество и на граѓаните.
– Битно е да се знае дека документот ваков каков што е презентиран мери сентимент, кој опаѓа за бегалците и мигрантите и кај нас и во светот, но треба да се знае дека сентиментот на анкетираните не е исто што е и третманот на бегалците во целите општества. Па може да се заклучи дека ова е индекс на сентимент, а не индекс на реални состојби – вели Стојановски.
За да се разбере на кој начин нашата земја е рангирана на врвот по нетолерантноста во однос на прашањата поврзани со мигрантите, Стојановски издвојува дека првенствено треба да се разложат причините поради кои истражувачите што го пишувале овој документ стигнале до ваков заклучок. Според него, тој заклучок, благо кажано, не соодветствува со ниту еден документ на оваа тематика од различни и повеќе меѓународни организации и институти.
– При формирањето на индексот, во математичките калкулации, верувам дека се вбројувани и параметрите што се однесуваат на процесот странец да добие државјанство во нашата земја, како и на процесот одредено лице да добие азил во Македонија. Но во овој дел, мора да се истакне дека Македонија, пред сѐ, има многу мал број лица странци што сакаат да бидат наши државјани, но и такви што бараат азил. Дополнително, процедурата за овој процес е обемна и долга и таа се заснова врз поранешните закони на Југославија. Па само поради оваа причина верувам дека во првите десетина земји, покрај Македонија, „Галуп“ ги има вброено и другите поранешни републики на Југославија во оваа нетолерантна група за мигранти. Дополнително, на врвот на најтолерантните земји „Галуп“ ги истакнал државите како Канада, Австралија и САД бидејќи нивните општества и економии се темелат на апсорбирање мигранти и работна сила од целиот свет, за разлика од државите од поранешна Југославија, кои немаат ваква државна политика и развиена економија да побарува работници од странство – објаснува Стојановски.
Технички пропуст или грешка во работата
Пиар-експертот Синиша Пекевски вели дека откога темелно ја прочитал и ја изанализирал анкетата на „Галуп“, стигнал до заклучок дека единствен збор со кој може да го објасни нивниот заклучок е техничка грешка.
– Јас верувам дека наодите во ова истражување се такви какви што се бидејќи оние што ја спровеле оваа анкета направиле техничка грешка во сумирањето на податоците. Обично кога се работи на обемни анализи како оваа, кога се дисекцира целиот свет, тогаш процентот за ненамерна грешка е многу висок, па верувам дека во конкретниот случај е сторено токму тоа – вели Пекевски.
Тој објаснува дека Македонија, освен што е впишана во мала табела, како проблем ја нема во широкиот опис на документот, што говори дека не се точни тврдењата во документот во делот што се однесува на нашата земја.
– „Галуп“ е сериозна компанија, која не може да си дозволи ваков превид, бидејќи ако не е превид, тогаш говориме за сериозен погрешен пристап што контрира на фактичката состојба во земјата, кој контрира на изјавите на светските државници каде што се пофалува Македонија за напорите за справување со кризата од 2015 година и кој контрира практично се целата документација на специјализираните тела на ЕУ и ООН, кои ги обработуваат овие случувањата и политики – вели Пекевски.
Сомнеж во професионалноста на документот
Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“ изразува целосно несогласување и изненадување од наодите на „Галуп“, во неговата анкета поврзана со толерантноста на нашата држава кон мигрантите.
– Македонија со сигурност не е на врвот на листата на држави што се нетолерантни и ксенофобични кон мигрантите и бегалците, туку напротив ние сме можеби на врвот во листата на земји што сме толерантни, гостопримливи, пријателски и хуманитарно насочени кон сите оние што пристигнуваат тука – вели Дерала.
Дерала верува дека една сериозна организација каква што е „Галуп“ не може да си дозволи превид и грешка од оваа магнитуда, па верува дека невладините организации, институциите и медиумите треба, како во случајов, во иднина уште подобро да обрнат внимание на ваквите појави, како и на тоа што и кој стои во заднина.
– Во својата работа, со години и секојдневно сум истражувал, анкетирал и анализирал голем број појави и процеси, па дури и оние поврзани со тематиката на мигрантите. Од тука со сигурност можам да кажам дека нашето општество не е ни одблизу такво како што го претставиле во оваа анкета, затоа имам и свој легитимен сомнеж во веродостојноста на документот – вели Дерала.
За разлика од нас, истакнува тој, гледајќи само во соседството, а не подалеку имавме примери каде што мигрантите беа пресретнувани со тенкови или, пак, каде што тие беа тепани од војски и полиции, а тие земји се далеку зад нас во листата или дури и не се споменати.
– Самото истражување е мошне, најблаго кажано, лошо спроведено и дури е и тенденциозно и мислам дека некој треба да реагира на него. Бидејќи ако се спроведе сѐ по научна основа и ако параметрите се поставени на научен темел, фактите не лажат и ваков заклучок за Македонија не може да се донесе, бидејќи ниту граѓаните, ниту институциите, дури ниту законските рамки не се такви во практика да спроведуваат ксенофобични политики – заклучува Дерала.
Во контекст на актуелните случувања, некои од соговорниците истакнуваат дека актуелните резултати на анкетата можеби се должат и на чест и едноставен превид во работата на многубројниот тим на „Галуп“.
– Кога се работи во огромни интернационални организации и кога се сумираат статистички податоци од целиот свет за ваква обемна анализа, честопати е возможно да се помешаат калкулациите, во смисла на пример барајќи ги информациите за Македонија (Мацедониа) да се помешаат со информации за Малезија и така да се стигне до погрешната слика што ја имаме во документот – велат тие.