Фото: Игор Бансколиев

Експертите се децидни дека доколку постоел таков систем на цивилна заштита како порано, државата многу побрзо и поефикасно ќе се справела со пожарите, без да бара помош однадвор. За жал, таков систем кај нас повеќе не постои, иако странските претставници што доаѓаат постојано прашуваат дали постои некаков систем за цивилна заштита

Неуспешното справување со пожарите ги покажа сите слабости на „системот“ за управување со кризи

Последните драматични случувања со пожарите во земјава кога буквално беа загрозени голем број населени места и градови покажаа дека државата нема разработен систем, според кој, во справувањето со природните непогоди би се вклучило и цивилното население. Носењето ад хок решенија или вклучување необучени волонтери за гасење пожари и спречување други непогоди крие сериозна опасност тие да настрадаат поради нивната нестручност вистински да реагираат во кризни ситуации. Во едни вакви услови повторно се наметнува прашањето каде исчезна разработениот систем на цивилна заштита што со години успешно функционираше во рамките на поранешната држава.
Тогаш цивилната заштита беше заснована врз концептот на општонародна одбрана во која сите локални самоуправи имаа големи надлежности и редовни финансиски средства. Во тоа време војската, полицијата, територијалната одбрана, службите за набљудување и тревожење, државните органи, здравствените институции, метеоролошките организации, компаниите, поединци и поединки беа дел од тој единствен систем. Цивилната заштита беше дел од редовно финансиран систем што беше масивен, со редовни едукации и обуки, но и интегриран во целокупниот образовен систем.
Во поранешна Југославија, на пример, само во поголемите градови имаше од 100 до 300 илјади луѓе обучени за цивилна заштита, во однос на сегашните бројки, кои на ниво на држава се многу помалку.

Македонија по осамостојувањето го укина овој систем, престана неговото финансирање, а политичарите загубија секаква волја да се занимаваат со него. Подоцна беа формирани Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, кои располагаат со ограничени човечки и технички ресурси, а тоа се покажа изминатите две недели кога мораше да се ангажираат луѓе и техника од соседните земји за да се спречи катастрофа од поголеми размери.
Во една таква ситуација, прашањето што секој би си го поставил е зошто се трошат огромни пари на некои други непотребни трошоци, наместо тие средства да се пренаменат за набавка на нови противпожарни камиони, кои не се обновени половина век, одржување на постојните „ер-трактори“, но и обуки на цивилни лица за вклучување во спасувачки акции при пожари, поплави и други природни непогоди.
Тоа би значело формирање нов систем во кој цивилното население би имало поголема улога во справувањето со стихиите предизвикани од климатските промени, а кои од година на година стануваат сè поинтензивни на овие простори.
Поранешниот генерал Митре Арсовски смета дека во државата не постои функционален систем за заштита од природни катастрофи.
– Ако постоеше таков систем на цивилна заштита како порано, сигурен сум 100 отсто дека државата ефикасно ќе се справеше со пожарите без да бара помош однадвор. За жал, таков систем кај нас повеќе не постои, иако странските претставници што доаѓаат кај нас постојано прашуваат дали постои некаков систем за цивилна заштита. Цивилната заштита имаше сопствени единици за следење на ситуацијата, тие беа добро опремени и обучени, имаа чамци за спасување при поплави, потоа опрема за спасување луѓе од опожарени згради, едноставно не моравме никого да викаме од страна да ни помага – вели Арсовски.

Тој додава дека тоа бил еден систем во кој сите единици биле постојано на обука и можеле да одговорат на предизвиците во секое време.
– Мора да се изврши генерален ремонт на цивилната заштита, која е за народот и таа секогаш вежба заедно со армијата и тој што е со неа. Ние заедно се обучуваме. Вака не може. Сите се удираме во гради дека се донеле мерки за забрана за движење во шуми и слично, но дали некој го контролира тоа – прашува Арсовски.
Според него, целата наша ситуација што се однесува до цивилните работи, поплави, земјотреси, пожари и слично, се испуштени од рака.
– Веќе не се знае кој командува, кој наредува, кој има единици, едноставно ништо не се знае. Ако системот не е врзан и ако нема материјали и опрема што му е потребна за работа, тој не е систем. Командантот на бригадата ако за време на вежба не постапувал добро, тој мора веднаш да биде сменет оти утре со својата неспособност може да го доведе во опасност населението – нагласува Арсовски.
Негово мислење е дека во моментот во државата не постои функционален систем за справување со катастрофи.
– Ние овде не можеме да зборуваме за систем бидејќи систем не постои. Постојат поединечни елементи од тој систем што се некако замислени, но кои не можат никако да се инкорпорираат во тој систем. Истовремено, мора да се купува нова опрема за да може ефикасно да се одговори на ваквите закани – категоричен е Арсовски.


ЦУК ќе го промовира НИКС

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, ја најави следната генерација на системот за командување НИКС, кој го развива токму ЦУК. Станува збор за систем за управување со кризни ситуации што ги дигитализира податоците од терен, за да бидат достапни во централата.
– Преку НИКС членовите на главниот штаб гледаат на кои места имаме активен пожар и каде се изгаснати пожарите. Сите податоци од терен ги имаме на едно место, што му помага на главниот штаб да носи квалитетни одлуки и подобро да координира со ресурсите на терен – објасни Ангелов, додавајќи дека НИКС ќе биде подетално претставен утре.