Главните несогласувања на опозицијата и на власта во врска со овој закон беа околу статусот на СЈО во рамките на ОЈО, легалноста на истрагите отворени по истекот на рокот за поднесување обвиненија, користењето на аудиоснимките, т.н. бомби во постапките, како и околу реизборот на главната обвинителка, Катица Јанева
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, во текот на изминатиот викенд ги достави до Министерството за правда забелешките на последната верзија на законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се регулира новиот статус на СЈО. Освен информацијата дека се испратени забелешките, не се откриваат детали за тоа на кои делови од предлог-законот тие се однесуваат. На претходната верзија од предлог-законот, опозицијата веќе достави 65 амандмани, за кои од Владата велат дека некои од нив се имплементирани во новиот текст. Главните несогласувања на опозицијата и на власта во врска со овој закон беа околу статусот на СЈО во рамките на ОЈО, легалноста на истрагите отворени по истекот на рокот за поднесување обвиненија, користењето на аудиоснимките, т.н. бомби во постапките, како и околу реизборот на главната обвинителка, Катица Јанева.
Според некои неофицијални информации, можно е во текот на оваа седмица да се организира и лидерска средба за ова прашање, веројатно во зависност од обврските на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата за избор на претседател на државата.
Во однос на законот за СЈО, во медиумите се изјасни и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој како висок функционер на владиниот коалициски партнер ДУИ, објасни дека поддршката на неговата партија за овој закон не е само реторичка.
– ДУИ бара да се донесе законот за Јавното обвинителство како што е предложен од Владата. Нека се стави на дневен ред во Собранието, сите пратеници од ДУИ ќе гласаат, затоа што е во наш интерес, институционално да се објаснат и да се разобличат сите шпекулации и напади, кои во една специјална војна ни беа наметнати во изминатиот период – рече Османи.
Инаку, во јавноста се гради ставот дека законот за Јавното обвинителство е последната пречка за земјава да ги исполни условите за добивање датум за преговори со Европската Унија, односно исполнување на условот за реформи во судскиот систем.