Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВОЕНАТА АЛИЈАНСА СО НОВ ПРИОД КОН ЕКОЛОГИЈАТА

Најмоќната воена алијанса НАТО неодамна најави дека почнува битка против загадувањето на животната средина и климатските промени.
Во интервју за американскиот магазин „Политико“, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека НАТО ќе започне да се „бори“ за подобрување на екологијата, животната средина и климатските промени.
– Климатските промени и екологијата ги дефинираат нашите предизвици за идните генерации, бидејќи се можен генератор на идни кризни состојби – вели Столтенберг.Според него, токму затоа круцијално е за НАТО во идните години да ги постави своите цели и стандарди фокусирани кон безбедноста и климатските промени.
Столтенберг вели дека ваквите политики на Алијансата се составен дел на новиот стратегиски документ на сојузот, насловен „НАТО 2030“.
Магазинот информира дека лидерите на сојузот се согласни Алијансата во периодот што следува на располагање да ги стави своите капацитети за надминување на еколошките проблеми и да оформи во земјите-членки капацитети за т.н. зелена одбрана и за користење на паметни и чисти енергетски извори.
Од македонска перспектива, како земја-членка на НАТО, овие нови политики на Алијансата се интересни за следење, бидејќи и нашата земја има сериозни еколошки проблеми.

Во својата публикација на оваа тема Тони Милевски од Филозофскиот факултет истакнува дека се разбирливи чекорите на Алијансата.
– Неодамнешните истражувања за глобалното влијание на еколошките промени, како што се намалувањето на озонската обвивка, климатските промени и прекуграничното загадување на сите медиуми на животната средина, јасно покажуваат на нивните безбедносни импликации – истакнува Милевски.
Според него, како одраз на таквата состојба, повиканите авторитети беа мотивирани да направат реевалуација на безбедносната димензија на проблемот, инкорпорирајќи ги еколошките проблеми во неа.
Според Милевски, по дефиниција, еколошката безбедност преставува јавна безбедност од опасностите по животната средина предизвикани од природни или човечки процеси.
Сличен став има и чешкиот универзитетски професор Миах Вит, кој вели дека поентата на говорот на Столтенберг е сосема логична ако се знае дека екологијата и земјоделството, исто така, ќе ги почувствуваат последиците од интеграцијата на Македонија во новиот систем за безбедност.
– Еколошката безбедност со својата актуелност претставува секојдневна потреба на севкупниот жив свет на планетата Земја. Заканите што ја нарушуваат безбедноста на различни полиња се присутни глобално и тие сериозно се однесуваат и на еколошките прашања. Поврзаноста на заштитата на животната средина и безбедноста е евидентна и се потврдува со еколошките катастрофи што се случуваат во континуитет во светски рамки, кои имаат безбедносни импликации.

Поради тоа потребно е менаџирање на ризиците и кризните ситуации што произлегуваат од постојаните сериозни загрозувања на животната средина, притоа имајќи ги предвид климатските промени, и тоа цунами, урагани, земјотреси, вулкански ерупции и други слични настани, потребна е изработка на стандардни оперативни процедури што ќе се применуваат при еколошките катастрофи на национално, но и на меѓународно ниво сите земји-членки на НАТО – вели професорот.
Професорот истакнува дека бидејќи во денешни услови еколошките катастрофи имаат глобални размери и излегуваат од рамките на националните држави, претставуваат трансгранични инциденти, се јавуваат како проблем поголем од што може една држава сама да го реши, разбирливо е, меѓународните воени сојузи да ги сфатат сериозно овие проблематики.

[email protected]