Оваа 2021 е година во чест на Блаже Конески. Затоа, ќе завршам со неговите стихови: „Секој добар мајстор има право на џиџе / дури и во злодоба, / кога лошотијата ги надвишила / Кајмакчалан со Ниџе“. Зборот „џиџе“ тука е употребен со значење убава работа. Така, во морето на неукост и ароганција, дивеење и лошотија, имаме две убави книги, овенчани со наградата „Гоце Делчев“. Тоа се делата „Интерна медицина“ од група автори, одговорен уредник проф. д-р Соња Генадиева Ставриќ, и „Сите лица на речта: беседи“ од академик проф. д-р Катица Ќулавкова. Им честитам на авторите за извонредните научни придонеси и им посакувам успешна понатамошна работа
Причината денес да проговорам со колумна е неврачувањето на наградата „Гоце Делчев“ на годинешните добитници. Наградата „Гоце Делчев“, највисокото општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката во Република Македонија, требаше, по двегодишно недоделување на наградата, конечно да биде врачена на 4 мај. Но тоа, сепак, не се случи. Дилемата дали ваквиот однос спрема наградата се должи на статусот на науката во Македонија, името на наградата, или е поврзано со нешто сосема трето, ќе остане за решавање во некои други (не)времиња.
„Науката преставува вистински водич на цивилизацијата, животот, и успехот во светот; да се бара друг водич освен науката е апсурд, незнаење и ерес“ – се зборови што му се припишуваат на Мустафа Кемал Ататурк. Три книги, „За движењето на небесните сфери“ (1543 г.) од Никола Коперник, „Дијалог за двата главни светски системи“ (1632 г.) од Галилео Галилеј и „Математички принципи на природната филозофија“ (1687 г.) од Исак Њутн, го означија почетокот на модерната наука. Милиони нови научни трудови се објавуваат секоја година. Ќе набројам неколку, по случаен избор, значајни научни откритија направени во последната декада. Во изминатата деценија, научниците го реконструираа геномот на човек што живеел пред околу 4.000 години во денешен Гренланд, што овозможи антрополозите и генетичарите да дознаат повеќе за културите од далечното минато од кога било порано. Во 2019 година, за првпат беше произведен лек за еден човек: осумгодишно девојче во САД, коешто страдаше од катастрофална болест предизвикана од уникатна генетска мутација, доби лек произведен само за него.
Неодамна, астрономите ги потврдија предвидувањата на општата теорија на релативност, според која искривувањето на просторот-времето од големите маси предизвикува гравитација: во април 2019 година беа објавени првите директни опсервации на црната дупка.
Улогата на науката се менувала во времето, од начин на стекнување нови знаења за задоволување на човековото љубопитство, преку мотор на економскиот развој, до, во 21 век, да биде решавачки фактор за одржлив развој на човештвото и планетата Земја. Денес, во глобални размери, науката се соочува со повеќе важни проблеми. За пандемијата од заразата ковид-19 веќе пишував во „Нова Македонија“, па сега ќе се задржам на друг проблем, кој, по мое мислење, е исто така круцијален за иднината на цивилизацијата. Двајца писатели, Џорџ Орвел и Олдос Хаксли, првиот во книгата „1984“, а вториот во новелата „Храбриот нов свет“, визионерски предвидуваат во што би можела да се претвори нашата цивилизација. Орвел стравува од „заробена цивилизација“ во којашто информациите ќе бидат манипулирани, додека, пак, Хаксли се плаши од „тривијална цивилизација“ во којашто луѓето ќе бидат преплавени со непотребни информации. За жал, стравувањата на Орвел и Хаксли денес се реалност – ние живееме во свет на непотребни, бесмислени и манипулирани информации. Шокот од вклучувањето, секој може да постави содржина на интернет, да публикува и да стане јавен, продуцираше низа негативни ефекти врз квалитетот на јавното мислење. Ваквиот тренд, во глобални рамки, може да предизвика, 21 век да се трансформира во среден век. Длабоко верувам дека пристапот што ги обединува научните дисциплини, вклучувајќи ги и општествените и хуманистичките науки, ќе обезбеди критички интелектуален капацитет, знаење и методи потребни за справување со овој предизвик.
Зошто пишувам за наградата „Гоце Делчев“? Неколку објективни критериуми за оцената на мојот научен кредибилитет се набележани во продолжение. Прво, досега сум објавувал трудови во врвни списанија во различни подрачја, не само во природните, техничките и медицинските науки, туку и во општествените и хуманистички науки. Второ, моите научни трудови се цитирани околу 18.000 пати. Трето, моите истражувања во Македонија биле финансирани од голем број странски фондови со значителни финансиски импликации за македонската економија. Така, на пример, во моментот во МАНУ раководам со три научноистражувачки проекти финансирани од САД, Германија и Европската Унија (Министерство за здравство на САД, Германска научна фондација и програмата „Хоризонт 2020“). Четврто, минатата година едно истражување на Универзитетот „Стенфорд“ (САД) ме вброи во 2% највлијателни научници во светот.
Денес живееме во време на експанзија на науките, во ера во која науката стана главен лост, argumentum ad veritatem на развојот и напредокот на современите општества. Но не и на македонското општество. За статусот на науката и образованието во Македонија пишувале многумина, биле организирани голем број трибини, тркалезни маси и разговори. Сепак, еве, да кажам и јас некој збор, оти, нели, „секој спрема својата ука“. Без разлика на тоа што „од секогаш сум мислел за излишноста на зборот, дека најмалку го трога тој онега што му е упатен“. Тоа ќе се случи и овоj пат, најмалку ќе бидат трогнати оние на кои им се упатени овие зборови, а тоа се креаторите на политиките во Македонија. Научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана и сведена под неопходниот минимум.
Појавата на квазинаучни трудови, трудови што се целосно плагијати, купени магистерски и докторски тези, сведочи дека во Македонија одамна се избришани мериторните правила според кои се цени објективниот квалитет. Долго време верував дека тоа што се случува во Македонија, особено во секторот образование и наука, е од неукост. Но денес не мислам така. Секторот образование и наука е системски, планирано и намерно уништуван со години. Сервилноста и желбата за владеење, политичкиот пазар, ароганцијата и алчноста, дополнета со незнаењето и неспособноста на политичарите, веќе неповратно доведоа до дно на дното, состојба од која враќањето назад е речиси невозможно. Решенија има, за нив веќе пишував во „Нова Македонија“, но не верувам дека тие ќе допрат до политичките врхушки.
Оваа 2021 е година во чест на Блаже Конески. Затоа, ќе завршам со неговите стихови: „Секој добар мајстор има право на џиџе / дури и во злодоба, / кога лошотијата ги надвишила / Кајмакчалан со Ниџе“. Зборот „џиџе“ тука е употребен со значење убава работа. Така, во морето на неукост и ароганција, дивеење и лошотија, имаме две убави книги, овенчани со наградата „Гоце Делчев“. Тоа се делата „Интерна медицина“ од група автори, одговорен уредник проф. д-р Соња Генадиева Ставриќ, и „Сите лица на речта: беседи“ од академик проф. д-р Катица Ќулавкова. Им честитам на авторите за извонредните научни придонеси и им посакувам успешна понатамошна работа.