Веројатно ќе поминат неколку месеци пред да се одобри молнупиравир за широкораспространета употреба – додека завршат испитувањата во третата фаза, но сепак за поздравување е тоа што ќе имаме уште едно оружје во арсеналот за борбата против пандемијата, тврдат епидемиолозите

МЕДИЦИНАТА Ѝ ПРКОСИ НА ПАНДЕМИЈАТА

Ќе успее ли науката, покрај вакцината, да произведе и ефикасен лек против ковид-19, кој ќе овозможи драстично намалување на смртноста? Дали и кога тој лек би бил достапен за широка употреба? Последните светски истражувања даваат надеж дека медицината ќе успее да одговори на овој светски предизвик.
Епидемиолозите, сепак, сметаат дека сѐ што медицината и науката ќе достигнат треба да се смета за успех и позитивност во борбата против ковид-19.
Фармацевтскиот гигант „Мерк“ и американската лабораторија објавија напредок во испитувањето на оралниот лек против ковид-19, антивирусен препарат што позитивно влијае на намалувањето на вирусното оптоварување.
„Мерк“ ја прекинал работата на две потенцијални вакцини против ковид-19 кон крајот на јануари, но продолжува со истражување на два лека против оваа болест, вклучувајќи го и молнупиравир, развиени со американската компанија „Риџбек био“.
Се смета дека лекот значително го намалува вирусното оптоварување кај пациентите по петдневно лекување.
Втората фаза на тестирање е извршена на 202 пациенти што не биле хоспитализирани и имале симптоми на ковид-19.
Лековите за грип, како што се оселтамивир (тамифлу) и занамивир (реленза), понекогаш се пропишуваат за сезонски грип, а сега се прави обид да се најде лек против ковид-19.
Резултатите од ова истражување ветуваат, особено побрзо намалување на вирусното оптоварување на луѓето што имаат почетна фаза на ковид-19 и кои добиле молнупиравир.

„Мерк“ работи и на лекот МК-711, а првите резултати од клиничките испитувања покажуваат дека ризикот од смрт или респираторни проблеми кај хоспитализирани пациенти со умерени или тешки форми на ковид-19 е намален за повеќе од 50 отсто.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека, според резултатите од испитувањето во втората фаза, објавени кон крајот на минатата недела, еден антивирусен лек, молнупиравир, се покажа ефикасен во лекувањето на ковид-19.
– Предизвикува антивирусни ефекти преку воведување грешки во копирањето при репликација на вирусната РНК на вирусот САРС-КоВ-2. Останува да се види какви ќе бидат крајните резултати во испитувањата во третата фаза. Лекот го произведува „Риџбек био“, кој соработува со „Мерк“. Целта на лекот е да се постигне вирусот да не може лесно да се шири од човек на човек, а резултатите од испитувањата во втората фаза на лекот се чини дека покажуваат дека го прави токму тоа – објаснува Даниловски.
Според „Риџбек“ и „Мерк“, на 182 лица им бил даден или молнупиравир или плацебо во рок од една недела од развивање симптоми на ковид-19 и во рок од четири дена по позитивен тест.
– Кај никој од оние што го земале лекот двапати на ден во период од пет дена не е откриено дека го има вирусот, додека кај 24 отсто од оние што примиле плацебо е забележано дека имаат инфективен вирус. Веројатно ќе поминат неколку месеци пред да се одобри молнупиравир за широкораспространета употреба – додека завршат испитувањата во третата фаза – додава епидемиологот.
Сепак, смета дека е за поздравување тоа што ќе имаме уште едно оружје во арсеналот во борбата против пандемијата!

– Овде неизбежно се наметнува прашањето зошто упорно се бега од спроведување рандомизирано, двојно слепо, плацебо-испитување на еден друг лек, ивермектин, кој досега во десетици опсервациски студии недвосмислено има покажано одлични резултати во светот. Патем, докажано безбеден, зашто последните 40 години се користи како антипаразитски лек. Но, секако, тоа е друга тема – заклучува Даниловски.

[email protected]