Фото: Маја Јаневска-Илиева

Видот Б 1.1.7 е откриен на средината на октомври, кога научниците од конзорциумот „Цог-УК“ го прочитале генетскиот код на коронавирусот во два примероци собрани во Кент и во Лондон. Биле изненадени кога откриле 17 мутации во однос на оригиналниот вид на коронавирусот од Вухан

ДИЛЕМИТЕ ЗА ПРОМЕНЕТИОТ КОРОНАВИРУС

Додека Европа нестрпливо ги чека првите дози вакцини против ковид-19, големо внимание е насочено кон новиот вид на САРС-КоВ-1, кој забрзано се шири во Лондон и во југоисточенa Англија. Светската здравствена организација ќе свика состанок на членките за да развие стратегија за борба против новиот вид коронавирус, кој се покажува како позаразен од досегашните верзии.
Видот Б 1.1.7 е откриен на средината на октомври, кога научниците од конзорциумот „Цог-УК“ го прочитале генетскиот код на коронавирусот во два примероци собрани во Кент и во Лондон. Биле изненадени кога откриле 17 мутации во однос на оригиналниот вид на коронавирусот од Вухан. Од тие 17 мутации, осум се на генот што кодира клучен С-протеин, со чија помош вирусот влегува во клетката.
Научниците шпекулираат дека повеќекратните мутации се случиле кај еден пациент со силно ослабен имунолошки систем. Тој пациент се борел со ковид-19 повеќе недели, што му овозможило на коронавирусот да еволуира, а потоа тој вид заразил друго лице.
Сите вируси мутираат. Забележаната стапка на мутирање кај коронавирусот е две мутации месечно, што е побавно отколку вирусот на грип.

Новиот вид брзо се намножил во Лондон и во југоисточна Англија, истиснувајќи ги старите верзии. Бил одговорен за 28 отсто од инфекциите во Лондон во почетокот на ноември, а моментално е поврзан со 80 отсто од случаите на зараза во главниот британски град. Присутен е, но значително помалку, во Шкотска, Велс и во остатокот на Англија. Новиот вид е идентификуван во Данска (девет случаи), Австралија (два) и во Италија, Холандија и Исланд (по еден случај). Но научниците сметаат дека вирусот се проширил многу подалеку отколку што моментално покажуваат податоците.
Компјутерското моделирање на вирусното ширење сугерира дека Б 1.1.7 би можел да биде дури 70 отсто позаразен од другите видови што циркулираат во Велика Британија. Поради тоа епидемијата на коронавирусот во Велика Британија е тешко да се држи под контрола без строги мерки на заклучување.
Некои специфични мутации на овој вид исто така би можеле да ја олеснат заразата кај луѓето. На пример, една мутација именувана како N501Y го менува најважниот дел на С-протеинот, кој го воспоставува првиот контакт со површината на клетките во нашето тело.
Секоја промена што на вирусот му го олеснува влезот внатре веројатно ќе му даде предност при заразувањето луѓе. Инаку мутацијата на N501Y веќе е воочена во Бразил, а потоа уште и во неколку други земји.

– Во моментов нема докази дека новиот вид предизвикува болест што се разликува од оние што ги предизвикуваа претходните верзии на коронавирусот – рече за „Фајненшл тајмс“ Пиер Оупеншав, професор по експериментална медицина на колеџот „Империјал“.
Прелиминарните клинички податоци се дека видот Б 1.1.7 влијае на вирусното оптоварување, односно на количеството вирус што влегло во организмот преку горните дишни патишта.
– Вакцините што ги развија „Фајзер“ и „Бионтек“, „Модерна“ и „Астра Зенека“ постигнуваат заштитен ефект, тренирајќи го нашиот имунолошки систем да препознае многу различни места на „клинот“, а мнозинството од нив не би биле променети со мутации, така што вакцината и натаму ќе биде eфективна – изјави Даниел Алтман за „Фајненшл тајмс“, професорот по имунологија на колеџот „Империјал“.


Поризичен и за децата? 

Се чини дека за разлика од претходните видови на коронавирусот, децата се подложни на заразата со видот Б 1.1.7 во иста мера како и возрасните.
– Постои навестување дека новиот вид има поголема склоност на заразувањето деца од досегашните. Не сме утврдиле што е причината за тоа, но тоа можеме да го исчитаме од податоците што ги имаме досега – рече за „Ројтерс“ епидемиологот Неил Фергусон, професорот на колеџот „Империјал“ во Лондон.
Поради тоа Велика Британија најавува училиштата во јануари да бидат затворени.