Мунир Колашинац, претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), и официјално е кандидат за градоначалник на град Скопје. По само неколку дена од најавата за самостоен настап на локалните избори, денеска на официјална прес-конференција беше најавена кандидатурата на Колашинац за градоначалник на град Скопје.
Покрај него, Бошњачкиот демократски сојуз на овие избори ќе настапи со свои градоначалници во општина Чаир, каде што кандидат е Елдан Џигал, во општина Долнени, каде што кандидат ќе биде Адмир Ујкановиќ, и во општина Велес, каде што кандидат ќе биде Семир Алимов.
Според претседателот на партијата и кандидат за градоначалник на Скопје, овие избори ќе бидат вистинска промена на енергијата на главниот град.
– Среќен сум што сум денеска овде пред сите вас и што имам можност да им се претставам на граѓаните. Ние сме млада партија, која има голем ентузијазам да дејствува и да придонесе добро за сите нас во Скопје. Доаѓам од бошњачката заедница, но едно знам – дека ќе бидам градоначалник на сите. Нашата цел е да прикажеме планови, цели и реализација, да не бидеме во редот на оние што ветуваат, а не остваруваат. На овие избори ќе настапиме поинаку, ќе настапиме визионерски и од таму е и нашиот слоган „Поинакво Скопје за сите нас“ – изјави Колашинац.
Тој најави дека приоритет ќе му бидат неколку клучни проекти и промени за главниот град.
– Во нашата програма имаме зацртано неколку клучни проекти, кои се голем и горчлив проблем на скопјани. Ќе се фокусираме на нашата животна средина, на еколошките проблеми, ќе воведеме ред во сообраќајот, ќе инвестираме во младите и нивниот напредок, ќе ги поедноставиме административните процедури, ќе создадеме површини со кои ќе се гордееме. Ќе посветиме внимание на кејот на Вардар, на преубавото Водно, на препознатливото Кале, духот на Скопје, нашата Стара чаршија и незаменливата Матка. Ќе придонесеме за олеснето движење и достапност на сите знаменитости за лицата со попреченост. Сакаме Скопје да биде вистинска мека за сите. Ќе придонесеме за развој на градот во една поинаква насока, да се гордееме што сме скопјани и да бидеме пример за другите – истакна Колашинац.
Ова е прв самостоен настап на една бошњачка партија на избори во Македонија. Во наредниот период ќе бидат објавени јавно сите планови и проекти за кои партијата и нејзините кандидати ќе се залагаат на овие избори.