Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски соопшти дека неговата партија има четири услови кои треба да бидат исполнети за да се одржат предвремените парламентарни избори. Според него, на лидерската средба бил реафирмиран ставот дека датумот за избори треба да се одреди консензуално.
– Имајќи во предвид како се одвиваше дискусијата во еден момент предложивме план како да дојдеме до кредибилен изборен процес, а притоа, здравјето на граѓаните да не биде загрозено, граѓаните да не бидат изложени на вирусот ковид-19, а со тоа да ги заштитиме што е можно повеќе човечките животи, а воедно, да обезбедиме кредибилни, фер и демократски избори. Предложивме план во неколку чекори. Ако се водиме од ставот дека здравјето на граѓаните дека ни е најважно, тогаш треба да се консултираме со Комисијата за заразни болести и никој од нас не треба да го проблематизира нивното мислење во насока на тоа дали и какви мерки треба да се спроведат. Мерките кои ќе бидат во текот на тој процес да гарантираат фер и кредибилен изборен процес. Втората работа е консултации со ДИК за времето неопходно да се спроведе овој фер и кредибилен процес, под услов првиот чекор да е исполнет. Понатаму, да се оствари комуникација и контакт со ОПСЕ и ОДИХР во делот на организирање на набљудувачка мисија. И како четврто, откако ќе ги имаме овие константи, можеме да зборуваме за прва возможна дата кога да се одржат изборите – рече Мицкоски.
За планот кажа дека бил прифатен од страна на учесниците на лидерската средба, а за изборите потенцираше дека не сака да биде премиер ако еден загубен живот е цената која треба да ја плати неговата партија.
– Ако еден човечки загубен живот е цената со која што треба ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните предвремени парламентарни избори, а јас да го добијам премиерскиот мандат, тогаш одбивам да бидам дел од таквата процедура. Тоа е во согласност со сите ставови со кои изминатите денови политичките лидери излегуваа во јавност, дека не е важен изборниот процес и изборите, туку важно е пред и над се, здравјето на граѓаните. Тоа беше нашата позиција од самиот почеток. Имаше и такви позиции кои го определуваа датумот, а потоа велеа дека Комисијата за заразни болести треба да каже дали и како ќе се спроведуваат мерките и изборите, што го оценивме како незрело и несериозно – рече Мицкоски.