Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања денеска кажа дека предизборно се мали шансите за колицирање со политичка партија од албанскиот блок, но, како што рече, постизборно подготвени се да разговараат.
– Во моментов, предизборно, мали се шансите да има таква партија. Ќе почекаме да се случи најголемата победа во независна Македонија, а потоа, се разбира доколку на политичка и проектна основа имаме какво било совпаѓање со кој било политички субјект, тука сме, подготвени сме да разговараме и да создадеме една коалиција – рече Мицкоски.
Прашан како напредува предизборното коалицирање предводено од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека во тек се преговори со политичките парти коишто се заинтересирани да бидат дел од коалицијата, а во текот на следната недела ќе излезат со повеќе детали.
– Ги слушнавме ставот и барањата на оние коишто преговараат со нас. Ние нашите позиции ги презентиравме, па приближно на тоа се сведуваат дискусиите – рече Мицкоски.
Во однос на коалицијата што денеска ја најавија СДСМ и Беса, Мицкоски кусо искоментира: „Среќно нека им е“.