Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вчерашниот брифинг со новинарите, изјави дека „отвора афера ‘Мафија 2’, која се однесува на подготвување и издавање лични документи на исти лица со различни матични броеви во Македонија“.
Според него, покрај аферата „Мафија“, каде што структури на власта, како што рече, „издавале патни исправи и документи за идентификација на криминални структури“, во оваа афера можело да се види дека „едни исти лица имаат по два матични броја“.
– Според информациите што ги добивме, во Македонија постојат над 20.000 лица што имаат најмалку по два матични броја. Едно лице со два матични броја го има двапати во избирачкиот список. Со двоен идентитет лицата може да ги злоупотребуваат државните институции, банките… – рече Мицкоски.
Како што појасни Мицкоски, повикувајќи се на документи што ги добиле во партијата, „аферата ‘Мафија 2’ открива дека едно лице со два матични броја еднаш се јавува во избирачкиот список со своето вистинско име и со вистинската адреса, а вториот пат регистрирано како друго лице во друга општина“ и, како што додаде, „овој криминал се користел за гласање“.
Инаку, Основното јавно обвинителство во Скопје (ОЈО) поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопшти Обвинителството. Овој случај опозицијата го нарекува „Мафија“. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархијата биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Македонија што немаат извадено патни исправи.