Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски денеска во Брисел оствари средба со Комесарот за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеј.
На средбата се разговараше за европските перспективи на земјата како и актуелните случувања во Македонија.
– Државата уште во 2009 година ги исполни сите критериуми за старт на преговорите, но спорот со Бугарија за кој Заев не убедуваше дека ги затворил сите отворени прашања, преставува непремослива пречка. Она што дополнително загрижува е отсуството на план на Владата за излез од не само економската туку политичка криза наметната поради застојот на интеграциите – истакна Мицкоски.
Од друга страна, посочи Мицкоски, забележливи се злоупотребите кои власта во Македонија ги прави со европските вредности, а најеклатантен пример е воведувањето на поголеми давачки за граѓаните преку злоупотреба на европското знаменце. Таквото однесување нема никаква врска и е спротивно со вредностите на Европската Унија.
– Не сум тука да создаваме препреки на патот кон ЕУ туку да создадеме позитивна клима за да државата се придвижи напред, а тоа е можно со чесен и искрен пристап – посочи Мицкоски. Тој додаде дека патот кон ЕУ нема алтернатива а се друго ќе преставува купување на време и нова лажна надеж од Заев.
Соговорниците ги потврдија добрите и пријателски односи, како и заложбите за соработка на патот кон ЕУ.