Лидерот на ВМРО ДМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на протест в среда, на 9 септември, кој ќе почне од пред Министерството за правда во 18 часот, а ќе заврши пред Регулаторна комисија за енергетика.
– Имаме скапа струја, а сиромашен народ. Тоа е првата причина за која ќе протестираме – рече Мицкоски и додаде дека овој протест е прв во низата на протести кои ќе следуваат во следниот период.
Мицкоски на денешната прес-конференција посочи дека пари има, ама тие не одат кај народот.
– Пари има затоа што потрошија 1 милијарда евра на поткуп, трошат над 8 милиони евра за возила, трошат за колачи и тендери за вафли додека народот живее на вересија. Им пропадна банка од 200 милиони евра и око не им трепнува. Обезбедуваат повластена тарифа за универзалниот снабдувач на струја и екстра тендери на струмичка агеција за обезбедување за што се сомневаме дека испумпуваат пари додека сто илјади граѓани живеат со помалку од 50 денари дневно. Ете затоа протестираме, а пари има и цената на струјата мора да се врати по старо – рече Мицкоски.
Додаде дека мафија не се руши со една битка, туку со многу битки и труд, а ова, како што рече, е почетокот на нивниот крај.