Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, една недела по средбата со Али Ахмети, изјави дека тие воопшто не ни преговорале за парламентарно мнозинство.
– Со господинот Али Ахмети имавме отприлика едночасовна средба минатата недела во рамките на Собранието. На таа средба Ахмети ме информираше дека ќе почне преговори со СДСМ, со изговор дека тоа е партијата која што победила во македонскиот блок“ – рече Мицкоски.
Тој додаде дека му посакал среќа на Ахмети во преговорите, иако не се согласувал со неговиот став дека СДСМ е партијата победник меѓу Македонците.
– ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија во рамките на Парламентот после неговата верификација на мандатите на пратениците има 40, а СДСМ има 32. Коалицијата која ја предводи на ВМРО-ДПМНЕ има 44, а коалицијата која ја предводи СДСМ има 42 – рече Мицкоски.
Според него, принципите на ВМРО-ДПМНЕ се јасни и тие нема да прифатат диктати и уценувања.
– Кога ќе имаме парламентарно мнозинство ќе ја информираме македонската јавност – рече Мицкоски.