Фото: Игор Бансколиев

Според процентот на вакцинирано население против ковид-19, на врвот на листата е Малта со 65,41 проценти, додека високо котира и Србија со 46 проценти вакцинирано население. Нашата земја воопшто не е рангирана, а според одредени процени, кај нас досега се вакцинирани нешто над три проценти од вкупното население

ЕВРОПСКА НЕДЕЛА НА ИМУНИЗАЦИЈАТА

Европската недела на имунизацијата, која започна вчера, секоја од државите, вклучувајќи ја и Македонија, ја дочекува со различни надежи и очекувања, но и различен процент на вакцинирано население против ковид-19.
Француската телевизија Евроњуз информира дека европските земји пополека, но сигурно напредуваат во процесот на имунизација на своето население. Телевизијата потсетува дека трката за имунизација на континентот, според процентот на населението што е веќе имунизирано, во моментов ја предводи Малта, а веднаш зад неа е Британија.
Европската статистичка организација „Статиста“ информира дека Малта е прва во Европа и оваа земја досега успеала да имунизира 65,41 проценти од нејзиното население. На оваа листа зад неа се Британија со 64,69 отсто, Унгарија со 50,44 проценти и Србија со 46,09 отсто вакцинирано население.
Според „Статиста“, на дното од табелата, според процентите во имунизацијата од европските држави, се соседна Бугарија, која досега вакцинирала 9,74 отсто од населението, Русија со 11,53 проценти, Летонија со 12,24 и Хрватска со 17,69 отсто вакцинирани граѓани. Македонија засега ја нема на листата на овие истражувања. Според некои податоци, во нашата земја досега се вакцинирани над три проценти од вкупното население, а некои од нашите граѓани или 10.000 се имунизираа во соседна Србија. Сепак процесот на имунизација на македонското население се одвива со многу побавна динамика од посакуваната и споредено со европските искуства.

Со тоа и тунелот за излез од здравствената и економска криза станува сѐ подолг и понеизвесен. Сега е најбитно да се лобира и да се обезбедат што е можно поголем број вакцини за нашето население и тоа да се имунизира во најкраток можен рок.
Европската недела на имунизацијата годинава во Македонија ќе се одбележува под мотото „Вакцините нè доближуваат“.
Во заедничка изјава вчера, Министерството за здравство, УНИЦЕФ и Светската здравствена организација (СЗО) во земјава на почетокот на Европската недела на имунизацијата порачаа дека вакцинацијата е јавно добро со кое му се помага на нашето општество, се заштитува здравјето на населението и се спасуваат човечки животи.
Тие порачаа дека истовремено, во овој момент целта е да се издигне свеста за вредноста на имунизацијата со нагласување на важноста на континуитетот на рутинската имунизација и на потребата од стекнување на довербата од јавноста во безбедноста и ефикасноста на вакцините против ковид-19, меѓу другото и заради заштита на здравствените работници и ставање крај на пандемијата.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека јавноздравствените и социјалните мерки помагаат да се забави ширењето на вирусот.
– Но вакцинацијата против ковид-19 е алатката од витално значење за ставање крај на пандемијата и во тој контекст вложуваме максимални напори за да обезбедиме вакцини за целото население – изјави Филипче.
Според претставничката на СЗО во Македонија, Жихан Тавила, имунизацијата е водечка иницијатива на Програмата за работа на Канцеларијата на СЗО во Европа за периодот од 2020 до 2025 година.

– Како еден од најдокажаните економични начини за заштита на здравјето, имунизацијата е корисна за сите, насекаде во светот. Вакцините се колективно јавно добро, така што за сите луѓе треба да се обезбеди правичност во поглед на нивниот пристап до вакцините. Доколку се случи да биде запоставена рутинската имунизација поради состојбата со ковид-19, последиците ќе се чувствуваат уште долго откако ќе заврши пандемијата. Благодарение на години и години напорна работа во насока на обезбедување сите луѓе да бидат заштитени преку вакцинација, сè поблиску сме до елиминирање на неколку болести, како што се на пример малите сипаници, но за да се заштити ваквиот напредок, по секоја цена мора да се одржува висок опфат со имунизација преку рутинска вакцинација. Среде пандемијата на ковид-19, вакцинацијата претставува критично важна интервенција за ставање крај на пандемијата, по што конечно ќе можеме да бидеме поблиску едни до други – вели Тавила.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани, додава дека по цела една година на затворања, празни училници и откажани собирања на семејствата, луѓето низ целиот свет почнуваат да добиваат вакцина против ковид-19 или се во очекување на тој момент.
– Сите знаеме дека вакцините против ковид-19 се најголемата надеж што ја имаме дека ќе ни се врати нормалниот живот и дека повторно ќе можеме да бидеме блиску едни до други. Тие се исто така важен потсетник за критично важната улога што ја имаат другите вакцини, вклучувајќи ги и рутинските вакцини за децата, кои ни го овозможуваат нашето секојдневно функционирање – вели Ди Џовани.