Соочена со повеќедецениска политичка, енергетска, економска и здравствена криза, но, пред сѐ, и со криза на опстојување, Македонија „го изгуби така својот пат: / се најде в шума сама, сред густеж темен. / А таа шума, дива, чуден кат, / зарастена во трње, в буеж сета, / сред срце раѓа спомен, страв и лад. / Погорчлива одвај е смртта клета!“ Ова се почетните стихови на „Пеколот“, првиот дел на „Божествена комедија“ во препев на Георги Сталев, додека, пак, другите два дела се „Чистилиштето“ и „Рајот“. „Пеколот“ е слика на злото, „Рајот“ е претстава за доброто, а „Чистилиштето“ е премин од една во друга состојба преку покајание. Во „Божествена комедија“, Данте праќа етичка и религиозна порака до човештвото, за кое верува дека е потонато во грев. Така, „Божествена комедија“ е стремеж, повик за контемплација, морален свет, што треба да се воспостави на Земјата преку разум, љубов и Божја милост. Секој од нас носи во себе свој пекол и свој рај. За Данте, спасот на општеството се остварува по истиот пат како и спасот на поединците, а општеството не може да живее во хармонија додека не обезбеди владеење на правото и на разумот.
„Божествена комедија“ започнува со тоа што авторот се губи во темна шума од која го спасува поетот Вергилиј, со кој, потоа, заедно ја преминуваат портата на пеколот, на која пишува (во препев на Георги Сталев): „Но, ти, што ќе го стапнеш овој праг – засекогаш откажи се од надеж!“. Пеколот се наоѓа во внатрешноста на Земјата и има облик на огромна инка со девет круга, првиот e најблиску до површината, a секој нареден круг, што претставува зголемено зло, e помал од претходниот, додека, пак, врвот на инката е во центарот (на дното) каде што е Луцифер.
Првите пет круга ги сочинуваат хедонистичките гревови, шестиот и седмиот круг ги претставуваат насилните гревови, додека осмиот и деветтиот круг се однесуваат на злонамерните гревови. Оттука, во деветтиот круг се наоѓаат предавниците, распоредени во четири концентрични зони, појаси. Првите се предавниците на семејството, на својот род; вторите се предавници на татковината; третите на пријателите (гостите); и четвртите се предавниците на Бога и на Исус. На дното, во центарот на деветтиот круг, се наоѓа Луцифер, таткото на сето зло, кој има три лица и кој со трите вилици ги меле Јуда, предавникот на Христос, и Брут и Касиј, предавниците/убијците на Цезар.
За многумина, „Божествена комедија“ е најголемото дело на италијанската книжевност, за други едно од најголемите дела на светската литература, додека, пак, според Дучиќ, нејзиното влијание врз религиозноста на католичкиот свет е можеби само малку помала од евангелието. Постојат две причини зошто во денешнава колумна се одлучив да ги доловам фактичката состојба во Македонија и решенијата за нејзина подобра иднина, пишувајќи за „Божествена комедија“ и нејзините пораки. Првата причина е сѐ поизразената и гласно искажаната констатација од народот, кон која апсолутно се приклучувам, дека Македонија е потоната во грев. За Данте, најголеми грешници се предавниците. Ако со Спогодбата од Преспа и со Договорот за добрососедство со Бугарија се откажавме од Македонците во Бугарија и во Грција, зар тоа не е предавство на својот род или на чедата на татковината? Како се чувствуваат Македонците во Егеј и во Пирин, нивните потомци во Македонија и во светот, од фактот дека македонската држава ги избриша нив? Без претерување: предадени и понижени!
Потоа, дали се сеќавате на зборовите: „Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко сите мои предци, јас мојот син и ќерка сме Македонци родени овде во Македонија, тоа не може да се случи. И не само тоа, верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред парламентот и да бара промена на Устав заради промена на уставното име“. Тие зборови искажани од државник останаа во меморијата како надеж за достоинствена иднина, но тоа што се случи потоа, промената на Уставот, промената на уставното име, зар не е предавство на татковината, предавство на пријателите, па дури и предавство на Бога и на Исус?
Структурата на „Рајот“ се заснова на четири кардинални (основни) доблести и три теолошки доблести. Четирите основни доблести, првично опишани од Платон во „Држава“, се: (1) разумност, мудрост, способност да се препознае соодветниот тек на дејствување што треба да се преземе во дадена ситуација во соодветно време; (2) правда, праведност; (3) цврстина, трпение, сила, издржливост и способност да се соочиме со страв, неизвесност и заплашување; и (4) умереност, воздржаност. Втората причина денес да проговорам за „Божествена комедија“ е предизвикот: што треба да направиме за да се обезбеди во Македонија владеење на правото и на разумот? „Македонија е навистина уморна од битки за власт и од постојани изборни кампањи на живот и смрт. Крајно време е за студени глави, мудрост и здрав разум“. Ама, тој разум, таа мудрост треба да ги искористиме за Македонија, за нејзините граѓани, па затоа предлагам три решенија.
Прво. Ако Македонија е граѓанска држава, треба да го напуштиме сегашниот хибриден модел на владеење, мешавина на етномнозинска и консоцијална демократија, и да го замениме тоа со консензуална демократија. Во консензуалната демократија, партиите учествуваат во формирање на Владата процентуално со добиените изборни гласови. Така на пример, ако на изборите партијата А добие 35 отсто, партијата Б 34 отсто, партијата В 20 отсто и партијата Г 11 отсто пратенички места, во консензуалната демократија, извршната власт се дели меѓу сите четири партии (пропорционално на освоените пратенички места). Учебниците и монографиите по политички науки, вклучувајќи ја и книгата „Мотиви на демократијата, форми на влада и перформанси во триесет и шест земји“ (Arend Lijphart, Patterns of Democracy, Government Forms and Performance in Thirty-Six Countries, Yale University Press, 2012), во која се направени емпириски анализи на триесет и шест држави, недвојбено укажуваат на предностите на консензуалната демократија во однос на мнозинскиот модел на демократија. „Основна разлика меѓу двата модела е во тоа што мнозинскиот модел на демократија е ексклузивен, конкурентен и контрадикторен, додека моделот на консензуална демократија се карактеризира со инклузивност, договарање и компромис“. Досегашните повеќедецениски резултати во сферата на економскиот раст и развој, во сферата на развојот на демократијата, владеењето на правото, човековите права и слично, како и во другите круцијални сфери на нашето живеење – образованието, науката, животната средина, културата, се далеку под очекувањата во споредба со другите држави. Тоа, пред сѐ, се должи на етномнозинскиот модел со кој извршната власт се распределува меѓу победнички партии од двата етникума, што доведе до (1) еродирање на демократијата, (2) нестабилно владеење, (3) владеење што, всушност, се реализира преку два паралелни процеси, (4) етнодиференцијација, (5) доминација на малцинството над мнозинството и (6) фрагментација на општеството.
Второ. Наместо доследна примена на начелото на поделба на власта и создавање цврста институционална рамка за владеење на правото, во изминатите три децении бевме сведоци на сѐ поголемо јакнење на позицијата на извршната власт и администрацијата, спротивно на уставните определби, и создавање услови за партизација, како и неодговорно, неконтролирано и коруптивно остварување на нејзините функции. Оттука, предлагам, на пример, за што веќе пишував во „Нова Македонија“, да почнеме со ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата што, според Уставот, се утврдени за автономни сфери на општеството (образование, наука, култура, здравство итн.). Ќе го илустрирам мојот предлог со еден пример, што ја одразува суштината на предлогот. Предлагам да се донесе закон со кој: (1) ќе му се одземат ингеренциите на МОН да изготвува стратегии за развој на образованието и науката или да подготвува реформи во образовниот или научниот систем; (2) стратегиите и/или реформите ќе ги подготвуваат во синергија МАНУ, универзитетите и стопанските комори; и (3) МОН ќе биде обврзан да ги имплементира стратегиите и/или реформите. Меѓутоа, ова не е доволно – слабеењето на позициите на извршната власт и администрацијата е неопходно, па затоа е потребно, според моето мислење, да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата (на пример, ЕМС, МЕПСО, Пошта и други).
Трето. „Најмрачните места во пеколот се резервирани за оние кои ја одржуваат својата неутралност во време на морална криза“. Затоа, ве повикувам да бидете активни, ве повикувам со цврстина, трпение, сила и издржливост да се соочите со стравот, неизвесноста и заплашувањето, да се соочите со политичката елита, којашто водена од алчност, неукост и користољубие, не само што ја контролира/ /насочува/ иднината на Македонија туку татковината/земјата ја води во пропаѓање и разнебитување. Почетокот на пристапните преговори меѓу ЕУ и Македонија, што можеби ќе се случат во скоро време (но, што е најбитно, под кои услови!?) – ништо не значат, освен политичка поддршка. Долг е патот до полноправно членство во ЕУ, ако воопшто некогаш тоа и се оствари. Поради тоа, нема потреба, заради мислењето „има момент на итност за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ“, да се биде до тој степен сервилен, така што ќе заборавите кои сме. Престанете да се „виткате како црвци во кал“.
Данте патот од пеколот до рајот го опеал во „Божествената комедија“, но, за жал, умрел во прогонство, далеку од саканата Фиренца, во Равена, градот на мозаиците, во 1321 година, точно пред 700 години. На неговиот гроб се запишани стиховите: „parvi Florentia mater amoris“. Во Равена, Данте го завршува третиот дел „Рајот“, во кој го опева големиот тест – Св. Петар го прашува за верата, Св. Јаков за надежта, Св. Јован за љубовта, додека на средбата со основачот на Римската црква, Данте жестоко ја осудува расипаноста на папата. За иднината на Македонија, со Вера, Надеж, Љубов и нивната мајка Софија, ве повикувам да ѝ се спротивставиме на расипаноста на световните владетели.