Дали сегашната состојба, односно неможноста една држава да ја добие вакцината, всушност, покажува како таа земја котира во очите на меѓународната заедница? Колку вакцината против ковид-19 уште еднаш ја потврди разликата меѓу големите и моќни земји и малите и сиромашни земји, се прашањата на кои побаравме одговори од повеќемина аналитичари
ТРКАТА ПО ВАКЦИНИ КРЕИРА И СВОЕВИДНА класификација на земјите
Еден месец откако на светско ниво почна употребата на вакцината против ковид-19, голем број држави во Европа, но и низ светот немаат достапност до неа. Македонија е една од нив, иако здравствените власти уште од крајот на минатата година најавуваа дека се обидуваат преку разни начини да ги обезбедат првите дози.
Засега најизвесни се 8.000 вакцини од Србија, но и за нив има административни пречки. Според најавите, најоптимистичкиот период за кога се очекува да стигнат првите дози на „Фајзер“ е февруари годинава.
Во меѓувреме, секоја дневна статистика во земјава бележи голем број новозаболени, а не опаѓа и бројот на смртните случаи.
Во јавноста сѐ почести се критиките зошто толку чекаме за вакцините против ковид-19, особено што во регионот сите соседни земји веќе го почнаа процесот за вакцинација на здравствените работници и на возрасните категории граѓани.
Од земјите на Балканот, заедно со Македонија, вакцини чекаат Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.
Дали ваквата состојба, односно неможноста една држава да ја добие вакцината, всушност, покажува како таа земја котира во меѓународната заедница? Колку вакцината против ковид-19 уште еднаш ја потврди разликата меѓу големите и моќни земји и малите и сиромашни земји? Дали оваа трка за вакцината ја создаде сликата дека богатите земји веќе масовно вакцинираат, а сиромашните земји во светот гледаат и чекаат?
Состојбата ја зголемува загриженоста дека билатералните зделки меѓу побогатите влади и производителите на вакцини против ковид-19 може да ги зголемат цените и да го ограничат снабдувањето во некои региони.
Македонските аналитичари и универзитетски професори велат дека токму оваа состојба ја покажува на терен способноста на нашата држава да агитира во другите земји на Европската Унија и да обезбеди вакцини, од една страна, но и реалното позиционирање на државата во глобалната светска политика, од друга страна.
Лекција што треба да ја научиме
Универзитетската професорка Билјана Ванковска смета дека геополитиката на вакцините е само еден аспект на геополитиката на пандемијата. Затоа посочува дека корените на сегашната ситуација на неправична распределба на вакцините на глобален план треба да ги бараме во основите на неолибералниот социоекономски поредок, а тој почива на нееднаквост, профит и непринципиелни коалиции.
– Се сеќаваме како на почетокот предмет на побарувачка беше основната медицинска опрема, а речиси една година подоцна битката е за вакцините. Тие се користат и како средства за казнување и дискриминација (на пример, кога во Израел не се планира вакцинирање на Палестинците или кога Иран е под санкции од Западот за увоз на медицинска опрема) или како парички за поткусурување. Пандемијата ја покажа важноста на државите, државниот апарат и неговата способност да ја гарантира безбедноста на граѓаните. Некои дури и зборуваат за класична биополитика, политика што се однесува на животот како таков (и смртта, се разбира) – посочуваа таа.
Според неа, во таквиот свет, кој ниту е нов ниту почна со пандемијата, Македонија била и останува вејка на ветрот.
– Како и на секој друг план, таа не покажува одлики на држава (без оглед што е мала), туку чека милостина и елитите уште и се фалат со тоа. Лојалноста кон НАТО (и Западот) е тоа што ја определува нивната политика, буквално на секој план: економија, инвестиции, инфраструктура, па сега и вакцини. Но Западот си има свои приоритети и ние остануваме на „опашката“. Ако од оваа лекција не научиме нешто како држава, наскоро нема ни да постоиме повеќе од нешто како управувана територија – објаснува Ванковска.
Нема политика за борба со пандемијата
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека пандемијата го преврте светот наопаку и покажа дека меѓу зависноста на сите, вклучувајќи богати и сиромашни, развиени и неразвиени, е исклучително висока.
– По оваа светска напаст или чума, ништо нема да биде повеќе исто како што беше. На почетокот Македонија одлично се справуваше со пандемијата, ама потоа, очигледно откако политиката се вмеша во целата таа состојба, работите тргнаа надолу. Денес, Македонија де факто нема политика за борба против вирусот. Тоа најмногу доаѓа до израз во врска со вакцината, бидејќи сме една од ретките земји и во регионот и во Европа што не само што не го започнала процесот на вакцинација туку не ни знае кога ќе тргне тој – објаснува Никовски.
Според него, вакцинацијата е единствениот спас од оваа, како што вели, невидена закана, која директно се рефлектира на сите сегменти на живеењето, од здравјето и смртноста, која кај нас е исклучително висока, сѐ до економијата, образованието, социјалната сигурност…
– Неспособноста како држава да со соочиме со овој феномен најмногу се виде во ситуацијата кога Србија ни понуди вакцини, а ние немавме подготвено административни процедури за да ги примиме. Некој ќе мора да преземе одговорност за тешките последици, кои се неизбежни по ваквата неодговорност – посочува тој.
Отсуство на дипломатска мрежа
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека вниманието во целиот процес со добивањето на вакцините во земјава треба да се сврти на две клучни работи, односно на два проблема.
Во првиот, според неа, има отсуство на дипломатска мрежа, а во вториот се работи за одолжување на процесот поради нечии лични интереси.
– Во првиот, во целата ситуација има доза на неспособност на државата да се снајде во специфична дипломатска ситуација. Тоа зависи од експресноста на државната мрежа навремено да антиципира решенија за овој проблем. Во вториот проблем често станува збор за банални нешта со кои се одолжува процесот, како на пример за нечии лични причини на приземно ниво. Значи, Македонија низ годините секогаш губела во многу значајни работи, зашто актуелната власт сакала да задоволи нечии лични интереси и потреби – посочува Најчевска.
Србија „флертува“ со Кина и со Русија, но и со ЕУ
Професорот Нано Ружин вели дека еден од критериумите за една држава да ја добие вакцината против ковид-19 е и тоа како таа котира во меѓународната заедница, но, сепак, истакнува дека тоа не е решавачкиот, односно заклучниот критериум за репутацијата на една држава.
– Многу земји имаат големи репутации и пак не се во состојба да ја добијат вакцината во поголеми количества. Што значи дека Франција вакцинирала еден милион луѓе? Тоа не е ни два отсто од вкупниот број на населението во таа земја. Затоа, не треба да заклучиме дека оваа состојба е само врз основа на тој критериум, на репутацијата на една држава – посочува Ружин.
Според него, во оваа ситуација, фасцинира трката меѓу државите, која повеќе граѓани вакцинирала, која повеќе ја раширила вакцината.
– Во услови на криза, секоја држава се врти кон себе. Сега тоа е најочигледна состојба. Во државите-членки на Европската Унија има огромен ривалитет, секој е против секого, тие држави се во нелојална конкуренција. Сето тоа ја покажува моќта, а не репутацијата на една држава во меѓународната заедница -објаснува професорот.
Сепак, посочува дека проблематиката со вакцината има геополитички аспект.
– И Србија е мала држава, но поради политиката да флертува и со Кина и со Русија, но и со ЕУ, тоа се покажа како профитабилно во овој случај. По која основа, инаку, Кина и Русија ѝ даваат на Србија вакцини, а не на пример на Бугарија – додава Ружин.
Според него, светот доцни, затоа и оваа криза со вирусот ќе потрае.