Освен различните методологии за броење на смртните случаи, свој белег, според упатените, секако оставаат и децениите неинвестирање во
јавното здравство, постојаното експериментирање со моделите на здравствениот систем, одливот на медицински кадар во странство, индиции за корупција и низата докрај непроцесирани случаи, поради што корона-кризата само ја потврди состојбата во која се наоѓа македонското јавно здравство
Дилеми за смртноста од ковид-19 во Македонија
Морталитетот од ковид-19 во Македонија е повисок од повеќето земји од регионот, а причините за високата смртност се бараат во возраста на населението, бројот на направените тестирања, достапноста до здравствените капацитети за лекување, но и во методологијата за броење на смртните случаи.
Свој белег, според упатените, секако оставаат и децениите неинвестирање во јавното здравство, постојаното експериментирање со моделите на јавниот здравствен систем, одливот на медицински кадар во странство, индиции за корупција и низата до крај не процесуирани случаи, поради што корона-кризата само ја потврди состојбата во која се наоѓа македонското јавно здравство.
Од земјите во регионот, според последните податоци на „Ворлдметер“ за ковид-19 во светот, Македонија со 58 смртни случаи од ковид-19 на милион жители, меѓу земјите од регионот, е во врвот според морталитетот, пред неа е Романија со 64 случаи, а зад неа се Турција со 54, Словенија со 52, БиХ со 47, Србија со 28, Хрватска со 25, Бугарија со 20 и Грција со 17 смртни случаи на еден милион жители.
– Она што како заклучок можам да го кажам е дека петнаесетина лица што беа донесени на Инфективната клиника или во ГОБ „8 Септември“, ние велиме во терминална фаза, односно дел од луѓето што ги чувствувале симптомите, или не се осмелиле да дојдат порано, или дојдоа кога беше предоцна. Па, така, со жалење можам да констатирам дека многу лица го загубија својот живот затоа што доцна дојдоа во медицинските установи – смета Жарко Караџовски, член на Комисијата за заразни болести во рамките на Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче негира дека Македонија има највисока стапка на смртност од коронавирусот во регионот, појаснувајќи дека Македонија ги брои и лицата на кои вирусот им бил детектиран посмртно, додека другите земји не го правеле тоа.
– Не е висока стапката на смртност кога се споредува со земјите во регионот. Ние сме земја со пониска стапка на смртност и од Грција и од Словенија. Ние земаме брисеви и постмортум, односно доколку некој бил суспектен, тестираме и тие лица ги внесуваме во статистиката. Голем дел од вкупната бројка на починати се вакви случаи. Другите земји ова не го прават – вели Филипче.
Раководителката на Секторот за контрола и следење на заразни болести во Институтот за јавно здравје, прим. д-р Гордана Кузмановска, вели дека разликите во морбидитетот може да се должат на многу различни причини и нивни комбинации.
– При споредување на овие бројки мора да се води сметка колку се тие споредливи, односно дали критериумите за прогласување смрт од ковид-19 што земјата ги имплементира се исти. На пример, не можете да споредувате стапки на смртност меѓу две земји, при што едната земја практикува само лабораториска потврда на вирусот за прогласување на смртен случај од ковид-19, а друга земја ги регистрира како смртни случаи и лицата што починале од болест со клиничка слика на болеста (веројатни/сомнителни случаи), без лабораториска конфирмација – појаснува Кузмановска.
Според неа, од исклучителна важност е која дефиниција за смртен случај од ова заболување се применува во дадена земја, за да можат правилно да се толкуваат бројките што се посочени.
– Во нашата земја за смрт како резултат на ковид-19 се смета смртен исход кај лице со болест, која е клинички компатибилна со ковид-19, со позитивен лабораториски резултат, односно лабораториски потврден ковид-19 случај на смрт, независно од тоа дали примерокот за лабораториска дијагноза бил земен пред или по смртта – нагласува Кузмановска.
Микробиологот Никола Пановски, коментирајќи ја големата смртност во Македонија во однос на земјите од регионот, смета дека некои од нив не починале од ковид-19.
– Дел од луѓето не умреле од ковид-19. Во некои земји се претеруваше за да се пише дека сите умрени се од ковид-19, во некои земји што имаат помала смртност се пишува дека вирусот не бил непосредна причина за смртта… Тоа е еден дел од разликите – вели Пановски.
Тој додава дека втора можна причина е што кај нас има премногу хронично болни луѓе во однос на другите земји како резултат на недоволната физичка активност, нездравата храна, загадениот воздух и стресот.
– Бројот на починати можеби ќе беше 80 ако ги тргневме тие 20 на кои постмортем им беше земен брис, ако тргневме уште 20 што не беа починати од ковид-19 и најмалку уште 20 што беа на респиратор, тогаш ќе имавме 55 починати – појаснува Пановски.
Четворица починати и 52 новозаболени од ковид-19
Во последните 24 часа, според вчерашните податоците на Министерството за здравство, се регистрирани 52 нови случаи на ковид-19 во земјава, од кои во Скопје има 26, во Куманово шест, во Штип седум, во Тетово се девет, во Струга два и во Велес и во Кочани по еден случај. Починале четири лица.
На Клиниката за инфективни болести починале двајца пациенти, пациент од Скопје на 73 години, примен на клиниката на 21 мај, и пациент од Велес на 82 години, хоспитализиран на 22 мај. Во ГОБ „8 Септември“ починале пациентка од Скопје на 76 години, примена на 21 мај, и пациентка од Тетово на 55 години, примена на 27 мај.
Регистрирани се и 30 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 27.684 тестирања за ковид-19. Во рамките на скринингот во градинките и во геронтолошките установи, регистрирани се два позитивни случаи во градинка во Скопје и во Куманово.
Вкупната бројка на ковид-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.129, бројката на оздравени пациенти е 1.516, на починати е 126, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 487.