Ако таков закон би бил усвоен и ако би стапил во сила, секој албански пратеник во парламентот би бил должен да зборува на албански. Како што тоа се случува, одвреме-навреме некој албански пратеник да зборува на македонски, би морал да биде казнет. Во каква положба би бил претседателот на Собранието, независно дали е Албанец или Македонец?
Би дошол во тешка ситуација – ако некој Албанец би зборувал македонски, тој би морал да плати казна. Затоа што прозборел на македонски, смета професорот по Уставно право Светомир Шкариќ, издвојувајќи дека еден од нашите најголеми проблеми е дека политиката максимално бега од струката, од науката, односно од правото. „Науката може без политика, но политиката не може да мрдне без наука“…
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера изјави дека наскоро ќе го пушти Законот за употреба на јазиците за објавување во „Службен весник“, но тој не прецизира точно кога би било тоа. Со тоа спикерот Џафери уште еднаш долеа масло на огнот што се однесува до феноменот на Законот за употреба на јазиците, кој ако биде донесен, ќе има цунами-потенцијал да направи тектонски правни, политички, интеретнички, лингвистички нарушувања во македонското мултикултурно општество.
Имено Законот за употреба на јазиците, со кршењето на процедурите при неговото изгласување предвидени во Деловникот на Собранието, како и со највисокиот правен акт и со десетина актуелни закони, но и поради неусогласеноста (експлицитна спротивност) на повеќе одредби (членови од законот) со позитивно-правните прописи на Република Македонија, и досега направи тешка штета на принципот на владеењето на правото. Доколку процедурата за негово донесување продолжи како што најавува спикерот Џафери, или евентуално биде „донесен“ законот со ваква форма и содржина, токму тој фундаментален принцип на владеењето на правото би бил непоправливо девастиран. Со тоа атрибутот „правна држава“ тешко веќе дека ќе може да стои како епитет за нас или барем како достижен т.н. бенчмарк, кој Македонија треба да го усвои во процесот на успешно придружување во евроатлантските глобални системи. Иако во повеќе наврати од научна гледна точка, професори по право, филолози и лингвисти се согласија дека Законот за употреба на јазиците има целосно дискриминаторски карактер и го прекршува Уставот во делот на рамноправноста и на македонскиот јазик и на јазиците на сите малцинства во државата во однос на албанскиот јазик, давајќи му преференцијален статус, професорот по Уставно право Светомир Шкариќ во јавноста изнесе една многу интересна теза не само за правните дефекти на Законот за употреба на јазиците туку дека, освен дискриминаторски карактер за другите јазици во Македонија, Законот за употреба на јазиците сам по себе е репресивен и за Албанците?!
-Законот за употреба на јазиците е проблем! Констатирав дека тој закон така како што е замислен и како што е напишан тешко ќе може да стигне докрај, односно дека тешко ќе може да се оформи како законодавен акт, ќе има доста пречки – дециден е професор Шкариќ.
Но бидејќи Законот за употреба на јазиците е изгласан, но сѐ уште не е донесен, а спикерот Џафери најави дека наскоро ќе го пушти во „Службен весник“, логично се наметнува прашањето што понатаму со законот од аспект на правната теорија и уставното право.
-Ако претседателот на парламентот го потпише указот, законот е дефектен, бидејќи нема потпис од претседателот на државата. Претседателот на Собранието може да го потпише указот и да го прати до „Службени весник“, со образложение дека претседателот на Републиката го крши Уставот, а тој како претседател на Собрание е должен да го испрати Законот на публикување, бидејќи секој граѓанин, вклучувајќи го и Иванов, има обврска да го почитува Уставот. Но и со тоа нема да биде решен проблемот, затоа што тогаш доаѓа најтешката пречка во врска со примената на тој закон во сила, а тоа е Уставниот суд! Ако би бил објавен Законот без указ (на претседателот на државата), дефектен, Уставниот суд би можел да каже дека таквиот акт не може да го земе во постапка за разгледување бидејќи не е закон – смета Шкариќ.
Но професорот Шкариќ, во истиот контекст извлекува уште една многу интересна теза, која фрла дополнителна светлина на феноменот на Законот за употреба на јазиците и импактот од неговото евентуално донесување.
-Она што сега сакам да го кажам е дека таквиот закон не им одговара и на албанската етничка заедница и на самите Албанци, па и на оние најмногу што го предложиле. Зошто? Затоа што Законот инсистира на строго почитување и на строг развој на мултикултурализмот, а не на интеркултурализмот. Сакам да направам разлика помеѓу тие два поима. Мултикултурализам е концепција што го уважува постоењето на различни етнички заедници да се почитуваат една со друга но кои живеат една покрај друга. Интеркултурализмот инсистира на меѓусебно влијание и на меѓусебна соработка. Овој закон е исклучиво во функција на мултикултурализмот. Што значи тоа? Ако таков закон би бил усвоен и ако би стапил во сила, секој албански пратеник во парламентот би бил должен да зборува на албански. Како што тоа се случува одвреме-навреме, некој албански пратеник да зборува на македонски, би морал да биде казнет. Во каква положба би бил претседателот на Собранието, независно дали е Албанец или Македонец? Би дошол во тешка ситуација ако некој Албанец би зборувал македонски, тој би морал да плати казна. Затоа што прозборел на македонски! Сакам да кажам репресивен закон пред сѐ за самите Албанци. Нешто што самите Албанци не би можеле да го применуваат во практика и не би сакале да го применуваат како таков – нагласува професорот.
Анализиран од аспект на Уставот, односно низ диоптријата на Уставниот суд на Република Македонија, професорот Шкариќ како докажан експерт по Уставно право, за Законот за употреба на јазиците нагласува дека тој е правно дефектен и дека се донесува од политички причини.
-Многу одредби од тој закон вака како што се напишани не ќе можат да го поминат тестот пред Уставниот суд и под услов Уставниот суд да се наоѓа на најниско стручно ниво. Јас мислам дека тоа им е познато и на самите автори на Законот. Но актот (Законот за употреба на јазиците) е од политички причини. Голем број одредби, Уставниот суд би ги укинал, а некои можеби и би ги поништил. Што значи тоа? Ако некои одредби се веќе во сила, да ги елиминира и последиците. Уставниот суд има огромна моќ, затоа не подлегнува на начелото на поделба на власта, тој е над сите тие органи. Уставниот суд затоа е една од најзначајните институции во областа на правото што е воведно по Првата светска војна до денес. Забележувате во врска со Грција. Грците инсистираат на промена на Уставот заради можноста Уставниот суд да го укинува или поништува Законот за ратификација на меѓународните договори, почувствувале дека има поголема моќ отколку што имаат моќ меѓународните договори и меѓународните органи. Во овој случај авторите на овој Закон за употреба на јазиците не воделе сметка за Уставниот суд, што ќе се случи со тој акт кога ќе дојде пред Уставниот суд – смета професорот Шкариќ.
Инаку Законот за употреба на јазиците изминатиот период предизвикува силни реакции во јавноста, при што мноштво правни експерти, лингвисти и аналитичари укажуваат на неговите штетни последици.